Никој не знае точно зошто и кога, ама вистина е дека компирот често се среќава на листата на непожелни намирници кај оние кои следат некаков специјален режим на исхрана (диета). Изјавите од типот “компирот дебелее“ и “не е добро компирот да се меша со протеини (месо)“ кои често се слушаат  придонесоа за тоа компирот се почесто да се отстранува од  трпезите и луѓето се почесто го избегнуваат.

Сепак, луѓето кои така зборуваат не се потполно во право. Поради честата употреба на компирот во нашата исхрана, тој претставува еден од најважните извори на витамин Ц (тоа сигурно не се лимоните и портокалите по кои најчесто посегнуваме кога сме болни). Витаминот Ц е исклучително важен бидејќи делува како антиоксиданс, важен е за создавањето на колаген, важен е за забите и коските, ги одржува капиларите во добра состојба, го подобрува зараснувањето на раните, учествува во апсорпцијата на железо итн. Покрај витаминот Ц, компирот содржи и скроб, витамини од групата Б, минерали, малку протеини и многу малку масти, и не содржи холестерол.

Она во што најчесто грешиме не е конзумирањето на компирот, туку неговата подготовка. Со додавање на маснотии едноставно го зголемуваме (и тоа непотребно) бројот на внесените калории. Затоа во продолжение ви даваме неколку совети како да уживате во компирот, а сепак да не се оптеретувате со нарушување на диетата.

Секогаш кога е тоа можно подготвувајте го компирот заедно со лушпата.

Компирот содржи најмногу минерали и витамини токму во тенкиот слој кој се наоѓа директно под лушпата. Затоа, кога варите компири, секогаш варете ги со лушпата а дури потоа излупете ги. На тој начин ќе се изгуби најмала количина на витмамини. Исто така, кога го печете компирот, само исечете го на половинки и печете го заедно со кората.

Што е можно помалку пржен компир.

Како што веќе сигурно знаете, компирот може да впие многу масло, па пржењето е еден од начините на подготовка кој значително ја зголемува калориската вредност на компирот. Ако сепак не можете да му одолеете на златно-жолтиот крцкав помфрит, тогаш по вадењето од тавчето или од фритезата, ставете го компирот врз кујнска хартија (сменете дури и неколку ливчиња) за маснотијата да се впие колку што е можно повеќе.

Компир салата.

Ова е одличен оброк, но само под услов повторно да не ја направите истата грешка и да додадете премногу масло. Значи внимавајте кога правите компир салата, бидејќи тукушто сварениот и излупен компир има способност да го впива маслото што ќе го додадете. И не само што го впива, туку колку повеќе масло додавате, толку повеќе компирот ќе го “пие“. Затоа ставете само малку маслиново масло и избегнувајте додавање на путер или маргарин.

Печен или варен компир?

Секако печен. И уште ако сте го печеле заедно со лушпата и со многу малку масло, супер. Меѓутоа, избегнувајте додавање на различни сосови од типот на мајонез, павлака и слично, бидејќи во тој случај залудно сте се помачиле да го испечете компирот без вишок на масти.

Компир пире.

Иако скоро сите го сакаме, сепак овој начин на подготовка придонесува за најголема загуба на витаминот Ц. Исто така, калориската вредност на компирот значително се зголемува со додавање на масло, путер и млеко. Наместо овие масти, пробајте пирето да го направите со малку пилешка супа или супа од зеленчук. Ќе биде поздраво, а сепак вкусно за јадење.

Гол компир.

Многу луѓе не можат да го конзумираат компирот “на голо“, односно не можат да јадат само компир. Ако и вие спаѓате во таа група, обидете се да го искомбинирате компирот со состојки кои содржат помалку масти како свежо посно сирење или павлака со помалку маснотии. Исто така, компирот одлично оди во комбинација со различни медитерански зачини како рузмарин, мајчина душичка, власец, ловор или мајоран.

Јадете го компирот свеж.

Обидете се секогаш да го конзумирате компирот веднаш по подготовката. Не го оставајте да стои за следниот оброк, а особено не го оставајте за следниот ден бидејќи може да предизвика потешкотии во системот за варење, особено кај почувствителните лица.