Избегнувам да правам торти во последно време, морам да признаам. Не дека сум нешто посебно перфекционистички расположена, ама навистина ме нервира кога ќе ја исечам тортата лошо, па после едниот ред на тесто ми доаѓа подебел, едниот потенок и исеченото парче торта не личи на ништо! Да не спомнувам дека се тркам со конци и слични методи за да го пресечам тестото. А кога се трудиш така да пресечеш нешто хоризонтално, како за белја не излегува, па не излегува. Последниот пат при таквото сечење (со жалење признавам!), горната кора толку ми се испокрши кога се обидов да ја тргам после сечењето, што после беше практично неупотреблива, па правев некои егзибиции со изронето тесто и така натаму … подобро да не ви раскажувам за тие маки!

Кога некни, една пријателка ми вели (а тргнавме да правиме муабет за торти :)) – “добро, зошто не си нарачаш од оние калапите што се за сечење?“. Хммм, знам за калапи за печење, и имам такви еден куп де, ама не сум  чула за калапи за сечење! Нормално, ми влезе бубачката во глава, и прво што направив кога дојдов дома беше да си посурфам и да ги побарам тие калапи. Леле, мајко мила, ми се сврте во глава кога го најдов ова тука!. А бе подобро од супер, што да ви кажам. Си печеш, па си сечеш без мака, и тортата излегува идеално! Ха, ќе почнам пак да правам торти, и пак ќе има бунт по дома – нешто во врска со диети и слични активности, ама право да ви кажам, ама баш ич не ми е гајле :). Туку, ако имате некој испробано совршен рецепт за округла торта со мноооогу слоеви и фил, пишете!