Што прво ви паѓа на ум кога ќе се спомене зачинот кари? Дали ве асоцира на ароматичен зачин, со интензивна боја и вкус кој потекнува тропска Азија, односно од Индија. Тоа е делумно точно, но не во целост. Она што е главната заблуда е дека карито всушност не е еден зачин, туку е микс од повеќе зачини, кој на Хинду јазикот се нарекува масала. Секој готвач има посебен начин на приготвување на карито, затоа се вели дека има толку типови на кари колку и готвачи.

Сепак ако зборуваме за тоа кои се главните состојки од кои се прави карито, мора да се споменат кимот, мускатното оревче, каранфилчето, циметот, кардамонот, куркумата, црниот и црвениот пипер, ловорот, ѓумбирот…. Поради различните рецепти бојата на карито може да варира од светло жолта, па се до црвена. Кога станува збор за вкусовите има два главни типа, стандарден и луто пикантен.

Европската кујна се запозна со оваа масала – мешавина од зачини во 18 век благодарение на Британците кои преку Индија го пренесуваат на стариот континент. Од тогаш популарноста на карито постојано расте, а се зголемува и бројот на рецепти во кои се користи. Кај нас најпопуларен е како додаток на пилешко, но со кари може да се зачини и риба, морски плодови, компири, ориз, јагнешко, свинско и разни типови на зеленчук.

Но, освен како зачин кој треба да се додаде во оброците за да се добие попикантен и поспецифичен вкус, карито има многу останати позитивни страни. Во Јапонија дури постои обичај луѓето да се бањаат во топла вода во која имаат додадено кари, бидејќи на тој начин се смета дека се стимулира циркулацијата.

За да не одиме во екстреми, не ви препорачуваме да го пробате ова, но секако стоиме позади тоа дека карито е еден од најздравите и најдобрите зачини кој ако до сега малку сте го користите, крајно време е да почнете. Кари можете да купите во речиси сите маркети по достапна цена. Купете кесичка, експериментирајте и ќе го најдете совршениот вкус кој вас најмногу ќе ви одговара.

Здравствени придобивки од карито

Што се однесува до бенефитите кои ги носи користењето на овој зачин, познат е по благотворното дејство на целокупниот имунолошки систем, ја подобрува циркулацијата, штити од срцеви болести, има анти бактериско дејство, ублажува бол, го подобрува варењето на храната и се смета за одличен борец против слободните радикали.

Особено е добар во заштита на мозочните ќелии. Се смета дека помага во борбата против ракот и Алцхајмеровата болест. Истражувањата покажеле дека во Индија која се смета за земја каде најмногу се консумира овој зачин, многу е помал бројот на луѓе заболени од овие болести.

Чување
Поради својот остар мирис, карито треба да се чува во херметички затворен сад, далеку од извор на директна светлина. На тој начин карито ќе ги задржи своите мириси и вкус и ќе можете да го користите речиси без рок на употреба.