Дали сте знаеле дека кикириките имаат повеќе протеини од било кои други јадрести или мешункасти плодови? Можете да ги купите речиси секаде, во првата семкара, маркет или на пазар. Достапни и евтини кикириките мора да се најдат во вашата секојдневна исхрана. Богати се со антиоксиданси, есенцијални минерали (како на пример бакар и магнезиум) го заштитуваат срцето и помагаат за намалување  на холестеролот.  30 цели суво печени кикирики колку што е препорачаната дневна доза, содржат  14 % протеини, 21% масти, 2% јагленихидрати, , 8% растителни влакна., 25 % витамин Е, 19% нијацин, 12% магнезиум, 10% фолати, 10%бакар, 10%фосфор, 19 % калиум….

Потекло на кикириките

Што се однесува до самата историја за потеклото на кикириките, нема точни податоци која е нивната матична земја. Првите историските податоци говорат дека потекуваат од Јужна Америка, каде прв пат почнале да се употребуваат и одгледуваат. Од таму, со откривање на земјите како Мексико, Бразил, Аргентина истражувачите на новиот свет ги пренесуваат во Европа, Азија и Африка.

Кикириките припаѓаат на фамилијата Leguminosae, во која спаѓаат и гравот и грашокот.  Според својата физичка структура и нутриционистички придобивки личат на другите мешункасти плодови, а според употребата во исхраната повеќе наликуваат на јадрести плодови. Кикириките се необични бидејќи цутат над земјата, а плодот расте под земја. Најчесто луѓето мислат дека тие растат на дрво, како на пример оревите, или дека растат како дел од коренот под земјата како на пример компирите.

Употреба

Во индустријата, кикириките се користат на повеќе од 300 начини и тоа за производство на брашно, сапун, детергент, пластика, до различни креми, шампони и лекови. За разлика од многу други плодови кои во јадењата може и да не ги препознаете, тоа не е случај и со кикириките, бидејќи тие имаат навистина препознатлив вкус. Кикириките можат да се јадат пржени, печени, солени или несолени. Од нив се произведува добро познатиот путер од кикирики, се произведува и масло од кикирики, а исто така тие се дел од многу десерти и солени јадења.