Во последниве години, маслиновото масло стана сериозен конкурент на сончогледовото масло. За маслиновото масло многу се говори и пишува, а најчесто пренесуваната информација е дека маслиновото масло е здраво, па дури и дека е многу поздраво од сончогледовото. Но, дали е навистина така? За да се одговори на ова прашање, најпрво треба да се утврди што содржат овие масла, во кои количини и што од тоа што е полезно, а што не.

Во секое масло се застапени витамините Е, D, A и K, полинезаситените и заситените масни киселини. Важен фактор е температурата на распаѓање и димење на маслото, а не помалку е важна енергетската вредност (калориите) и степенот на усвојување од страна на организмот. Токму затоа ќе започнеме со споредување на бројните вредности на се она што е битно за двата вида на масла, маслиновото и сончогледовото масло.

• Содржината на полинезаситени масни киселини во маслиновото масло е 13,2%, додека во сончогледовото масло е 65%.
• Содржината на заситени масни киселини во маслиновото масло е 16,8%, а во сончогледовото масло е 12,5%.
• Витаминот Е е присутен во маслиновото масло со 12,1 мг на 100 г масло, а во сончогледовото со 44 мг на 100 г масло.
• Витаминот К е застапен со 62 μg во маслиновото масло, а со 5.4 μg на 100 г во сончогледовото масло.
• Олеинската киселина (омега 9) во маслиновото масло е застапена со 65-83%, додека во сончогледовото масло е застапена со 14-40%.
• Линолната киселина (омега 6) е присутна со 3,5-21% во маслиновото масло, а со 48-74% во сончогледовото масло.
• Во маслиновото масло има 1,5 линолеинска киселина (омега3), а сончогледовото масло има само 0,1.
• Температурата на димење на маслиновото масло зависи од типот (Extra virgin 160°C, Virgin 199°C, маслинова пулпа 238°C, рафинирано 242°C), додека кај нерафинираното сончогледово масло е 107°C, а на рафинираното – 232°C.
• И за крај, маслиновото масло подобро се усвојува од страна на организмот, додека сончогледовото масло се усвојува полошо.

Улогата на одделните компоненти во маслата

Полинезаситените масни киселини се застапени во секое масло од растително потекло. Тие го намалуваат нивото на холестеролот во крвта, што значи помагаат во заштитувањето на организмот од склероза. Тоа значи дека колку повеќе овие киселини се застапени во маслото, толку подобро е тоа масло. Според овој параметар, сончогледовото масло води.

Заситените масни киселини го покачуваат нивото на холестерол во крвта, а со тоа и го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања. Според тоа, колку ги има помалку во маслото, толку тоа е подобро. Нутриционистите препорачуваат да се избегнува храна каде што се застапени заситени масни киселини. Во сончогледово масло ги има помалку, па ова масло има уште еден плус според овој параметар.

Според енергетската вредност, двете масла се приближно еднакви. И двете масла се доста калорични. Тоа треба да се има секогаш предвид.

Витаминот Е претставува еден од најсилните антиоксиданти. Тој го забавува стареењето, ги зацврстува крвните садови и го спречува создавањето на тромбови. Поголема бројка значи подобри особини на маслото. Сончогледово масло има предност.

Витаминот K е познат како коагулациски витамин (од таму доаѓа буквата K) и има важна улога при згрутчување на крвта. Всушност се работи за смеса од повеќе витамини (K1, K2, K3) од кои некои се растворливи во масло, а некои во вода. Во организмот овој витамин главно е одговорен за згрутчување на крвта, но и за правилната работа на црниот дроб и усвојување на калциумот во коските. Според содржината на витаминот K, маслиновото масло има предност во однос на сончогледовото масло.

Сите три омега масни киселини (омега 3, 6 и 9) го штитат организмот од мозочен удар и срцеви заболувања, го намалуваат „лошиот“ холестерол, ги шират крвните садови, и го зголемуваат имунитетот на организмот. Омега 3 и омега 9 повеќе се застапени во маслиново масло, па во тој поглед маслиново масло е покорисно, значи два плуса за него. Но затоа пак омега 6 масните киселини повеќе се застапени во сончогледово масло според тоа еден + за сончогледово масло.

Температурата на димење е онаа температура на која маслата почнуваат да се разложуваат, а продуктите на ова разложување се штетни по здравјето на човекот. Според тоа, маслото чија температура на димење е повисок е попогодно за пржење. Кога станува збор за пржење, треба да се знае дека пржењето се случува на температура од 162  до 190 степени целзиусови. Оттука, би можело да се каже дека рафинираните масла, како маслиновото така и сончогледово масло, се попогодни за пржење. Тука мала предност има маслиновото масло, но ако се земе предвид цената на чинење на малиновото масло, тогаш барем јас би се замислила на какво масло би пржела.

Запомнете, нерафинираните масла заради ниската температура на димење НЕ СЕ ПОГОДНИ ЗА ПРЖЕЊЕ. Тие треба да се користат за зачинување на салати или ладни јадења и предјадења. Секогаш пржете со РАФИНИРАНО масло, никако со нерафинирано или виргин масло. Ваквите прегорени масла се канцерогени.

Степенот на усвојување е исто така битен фактор и тој е подобар за маслиново масло. Инаку големиот степен на усвојување од страна на организмот на маслиново масло се должи на присуство приближно на 70-75 % олеинската киселина за која велат дека е многу корисна за организмот. Таа е присутна и во сончогледово масло, но значително помалку, околу 45 %. Во тој поглед, маслиновото масло води.

За крај, може да се каже дека и двете масла изобилуваат со здрави состојки. Се работи само за личен избор, вкус и потреба, а не се за занемарување и финансиите. Не го исфрлајте сончогледовото масло, но употребувајте го и маслиновото масло. Инаку, сончогледово масло е класифицирано како растително масло, додека маслиново масло е класифицирано како овошно масло. Не заборавајте да употребувате и други видови масла како на пример масло од тиква, лен, пченка и други.

МАРКЕТИНШКИ ТРИКОВИ. Често пати се нагласува дека маслиново масло не содржи холестерол. Не содржи холестерол ниту сончогледово масло ниту било кое друго масло од растително потекло. Холестеролот го има само во продуктите од животинско потекло. Исто така се нагласува дека маслиново масло содржи витамин Е. Но, и сончогледово масло содржи витамин Е како и секое друго масло од растително потекло.