За вкусовите обично не се дискутира, но сепак, денес ви предлагам некои необични комбинации на продукти и зачини кои вреди да се пробаат. Никогаш не се знае, па можеби овие комбинации ќе станат дел од вашите омилени.

Домати + лук + босилек. Комбинација на три вкуса, за кои се чини дека природата успеала совршено да ги избалансира. Прекрасна комбинација за летни салати и ладно мезе.

Цвекло + козјо сирење + ореви. Уште една “тројка” на вкусови како создадени еден за друг. Погодна за салати, предјадења, јадења.

Сирење + мед. Доаѓа предвид апсолутно секаков вид сирење. Може едноставно само да го исечете сирењето и да го прелиете со лажичка или две мед. Тука добро би дошле и еден грст пињоли, но слободно заменете ги со печени несолени семки од сончоглед или парчиња печен бадем.

Компир + морско оревче. Вкусот на морското оревче во компирот не мора да се почувствува, но значително го подобрува вкусот на компирот. Морското оревче може да се додаде кон секое јадење со компири, а на прво место е, се разбира, честиот гарнир – пирето од компири.

Компири + копар. Дали сте пробале варени компири посипани со свеж или сушен копар? Чудно е колку една обична тревка може да го промени вкусот на едно вакво едноставно јадење како што се варените компири.

Месо + анасон. Ова е тајната комбинација на Хестон Блументал ( шеф – готвач и сопственик на ресторанот The Fat Duck – ресторан кој е награден со три ѕвезди Мишелин). Тој го користи анасонот во сите јадења сервирани во неговиот ресторан. Вкусот на анасонот е малку веројатно дека ќе се почувствува, но ќе го продлабочи вкусот на самото месо. Пробајте ја ова комбинација!

Јаболка + цимет. Класична и добро позната комбинација.

Круша + сино сирење. Ова е пример за успешна комбинација на слатко со солено. Ароматичната слатка и сочна круша и соленото сирење како да се создадени еден за друг.

Јагнешко + нане. Ова е само една од ретките успешни комбинации за јагнешкото месо. Добри се и комбинациите од јагнешко со рузмарин, мајчина душица, лук, бибер, но нането го преобразува обичното јагнешко месо во нешто прекрасно и божествено.

Свинско + семе од анасон. Ова е случај кога зачинот има исто толкава важност како и главната состојка. Се разбира, свинско месо е одлично и без анасон, но треба само да се проба со овој зачин, па веднаш ќе може да се почувствува разликата. Едноставно, зачинете го свинско месо со сол и бибе, но додадете и мелено семе од анасон. Дури потоа пригответе го месото според вашиот омилен рецепт и ќе ја вкусите разликата.

Риба + анасон. Овој пат не станува збор за семе од анасон, туку за зеленилото, односно тенките листови како „кадрава коса“ со зелена боја кои многу наликуваат на копарот. Не ми е познато дали кај нас може да се најдат одделно сушени листови од анасон, но кога купувате анасон, изберете го оној со повеќе „кадрава коса“. Зеленилото од анасон има понежен, поделикатен вкус од копарот. Риба + анасон, одлична двојка.

Патка + портокали. Портокали во било каква форма – тенки резанки од кората, или парчиња од портокал или едноставно, цеден сок од портокал. Зошто ова функционира не е јасно, но верувајте дека функционира.

Диња + шунка (или подобро пршута).  Ваквата комбинација се чини дека ја прават секаде. Други овошја во комбинација со шунка или пршута се исто така добра комбинација, но дињата е дефинитивно една од најдобрите варијанти.