Калиумот се вбројува меѓу најважните елементи кои му се неопходни на организмот. Во човечкиот организам е застапен со приближно 140 г и зема учество во  голем број важни функции. Така на пример, тој ја нормализира работата на срцето, учествува во преносот на нервните импулси, особено оние на мускулите, го засилува издвојувањето на натриумот и водата од организмот (диуретик), влијае врз активноста на некои важни ферменти и ја регулира киселинско-базната рамнотежа на организмот. Калиумот делува позитивно на многу алергиски реакции. Солите на калиумот се неопходни за нормално функционирање на сите меки ткива во оргнизмот како на пример крвните садови, капиларите, мускулите, мозочните ќелии, црниот дроб, бубрезите, и.т.н. Овој елемент е корисен во борбата против склерозата бидејќи не дозволува солите на натриумот да се таложат во крвните садови и капиларите.

Дневната потреба на организмот од калиум изнесува од 2 до 4 г и зависи од староста, тежината на телото, физичката активност на човекот, но и од климатските услови.

Би можело да се каже дека калиумот влегува во составот на скоро сите растенија, особено на оние со зелена боја. Го има во компирот, доматот, цвеклото, црешата, сливата, крушата, грозјето, бананата, тиквата, тиквичките, дињата, какаото, сувата кајсија, мешункасти растенија, младиот кромид. Богати со калиум се рибата, говедското и телешкото месо, но и млечните продукти. За да се сочува максималното количество на калиум во соодветниот продукт, се препорачува варење над пареа или во минимално количество на вода.

Во зимскиот период, заради недостаток на свежо овошје и зеленчук, се препорачува конзумирање на суви кајсии, грозје, сливи затоа што тие се богати со калиум. Плодовите на авокадото се исто така многу богати со калиум, па затоа се препорачува додавање на авокадо во зимските салати. Во однос на количината на калиум во одредени продукти, само со една чаша свежо приготвен сок од моркови во организмот се внесуваат 800 мг калиум. Само две банани се доволни за задоволување на дневните потреби од калиум. Нивото на калиумот во организмот може со успех да се одржува и ако во една чаша измешате 1 лажица јаболков оцет со 1 лажица мед и чашата ја дополните со вода. Течноста се промешува и се пие на гладно срце. Верувајте, дури е и вкусно.

Треба да знаете дека усвојувањето на калиумот во организмот се подобрува во присуство на витаминот В6, а се влошува во присуство на алкохол.

Намалувањето на калиум во организмот се случува при:

  • употреба на лекарства познати  како диуретици
  • чести повраќања и проливи
  • обилно потење
  • хиперфункција на бубрезите

Она што треба да се запомни е дека кофеинот, шеќерот и алкохолот предизвикуваат голем губиток на калиум од организмот.

Симптоми за недостаток на калиум се:

  • Општа слабост
  • Отоци
  • Нагон за повраќање и повраќање
  • Губиток на апетит
  • Нарушување на срцевиот ритам
  • Запек
  • Низок крвен притисок
  • Депресија
  • Нервоза
  • Висок холестерол

Во сите случаи се препорачува консумирање на храна богата со калиум.