Копарот (Anethum graveolens) се јавува како едногодишно или повеќегодишн растение, во зависност од тоа каде се одгледува. За негова оригинална татковина се смета областа околу Медитеранот и Јужна Русија, а неговата употреба е позната уште од најстари времиња, односно од времето на неолитот. Денес најмногу се користи како зачин, но позната и неговата употреба како чај, особено за смирување на стомачните грчеви кај бебињата. Најмногу се користи во Финска, Шведска, во Балтичките држави, Русија и Централна Азија, иако неретко се среќава во скоро сите светски кујни.

Копарот е најдобар кога се користи свеж бидејќи многу брзо го губи вкусот кога ќе се остави да се исуши. Но, затоа пак може да се замрзне, што му го сочувува вкусот во текот на неколку месеци најмалку, па замрзнатиот копар е секако подобар од сувиот.

По вкус, копарот претставува комбинација од вкусовите на магдонос, анис и целер, со суптилна нишка на лимон. Како таков, идеален е за употреба во јадења со риба, особено лосос и туна, потоа во супи, во јадења со јајца и сирење, а добар е и како додаток во леб и различни пецива. Кај нас особено се користи со кисели краставички, а е одличен и во компир салата, таратур, салата од туна, од јајца или од тестенини.

Во контекст на комбинирање со други зачини, најдобро оди со лук и црн пипер бидејќи ваквата комбинација дава посебен медитерански шмек на скоро секое јадење (пробајте на пример со свинско печење).