Сирењата и кашкавалите се високо ценети продукти кои се јавуваат како деликатеси во многу светски кујни. Сакаме да ги јадеме посебно, за мезе, или само со лепче, како дел од најразлични видови јадења, па дури и како зачини. Искористени се до максимум поради своите специфични вкусови и ароми кои се карактеристични за различните видови и подвидови, а особено поради својата хранливост, богатство од минерали (особено калциум) и некои витамини.

Кравјото сирење денес е еден од најупотребуваните продукти, особено поради соодносот на цената и понудениот квалитет. Богато е со протеини, па затоа се препорачува на спортистите и лицата кои мораат да внесуваат зголемени количини на протеини. Може да се конзумира и како замена за месо, а педијатрите го препорачуваат во секојдневната исхрана на мали деца поради големото количество на калциум кој ова сирење го содржи покрај фосфорот и магнезиумот.

Кравјото сирење е богато и со есенцијални аминокиселини, што е уште една предност при избирањето. И порај мастите и јаглехидратите кои ги содржи, може да се користи како дел од диетална исхрана бидејќи има ниска калорична вредност во споредба со другите сирења (само 103 калории на 100 г). Оптималното користење на свежото кравјо сирење е во комбинација со масло и семки од лен, бидејќи на тој начин се добиваат најмногу есенцијални аминокиселини кои се неопходни за правилна работа на мозокот и нервниот систем, за срцето и крвните садови, а особено за превенција на различни малигни заболувања.

Освен кравјото, во својата исхрана секако би требало да додадете и козјо сирење кое од дамнешни времиња е познато по своите лековити својства. Со редовна конзумација на козјо сирење се намалуваат нивоата на шеќер и лош холестерол, има докажани антиканцерогени својства, делува на проблеми со системот на дишење како алергии и бронхитис бидејќи учествува во обновувањето на белодробните клетки, го зајакнува имунитетот, и што е најважно, козите во принцип не се хранат на вештачки начин, па може да се каже дека ова сирење е потполно природно.

Свежото козјо сирење е најмалку масно (исто како и кравјото), и како такво најлесно се вари. Се препорачува на лица кои се алергични на протеинот од кравјото млеко и на лицата кои се чувствителни на лактоза, бидејќи ја има во помали количини отколку во кравјото млеко. Исто така, во принцип е помалку масно од кравјото сирење, иако тоа зависи од произведувачот.

Овчото сирење, секако во зависност од начинот на производство, содржи најмногу маснотии, па затоа треба да се конзумира умерено. Богато е со витамин А и со витамини од групата Б, калциум, магнезиум, фосфор. Содржи и значителна количина на витамин Д кој помага калциумот од сирењето правилно да се апсорбира и искористи во организмот на најдобриот можен начин. Со тоа, ова сирење делува на спречување на остеопороза, на квалитетот на забите, косата, кожата и ноктите, на здравјето на крвните садови, го зајакнува имунитетот, ги смирува живците и штити од стрес.

Конзумацијата на свежи сирења е препорачлива за сите, особено во однос на кашкавалите, бидејќи сирењата содржат повеќе вода, а помалку маснотии.