Температурите подолжуваат да растат (или барем никако не паѓаат), а ние остануваме да се потиме и мачиме со овие несносни горештини. Покрај фактот што клима уредот одеднаш ни стана најдобар пријател, и што се обидуваме да не остануваме на улица повеќе од 2 минути, сепак постојат уште некои работи кои можеме да ги направиме за полесно да се справиме со овие температури. Една од тие работи е секако и исхраната.

Реакцијата на телото на повисоките температури се манифестира преку интензивно потење, со што организмот се обидува да ја намали повишената температура. Меѓутоа, потењето има и негативни последици, како што се опасноста од дехидратација и други поврзани појави. Нашата главна задача во овие тропски денови треба да биде спречување на претераното потење и надокнадување на секој губиток на телесна течност.

Со неправилна исхрана се зголемува потењето, а со тоа се губат дополнителни телесни течности. Варењето на тешка храна бара поголема активност од метаболизмот, а тоа пак индирекно делува на зголемување на телесната температура. Затоа е особено важно во текот на летото да се храниме со полесни, нискокалорични состојки, односно пред се со овошје и зеленчук. На организмот и онака му е потребна помалку енергија што се добива од храната за време на летото, па затоа треба да се избегнува храна која е масна и тешка за варење.

Силно зачинетата храна, како и кофеинот, никако не ни се пријатели за време на зголемените температури. Овие состојки само ја зголемуваат активноста на нашиот организам, а со тоа го зголемуваат и потењето, што дефинитивно не ни треба. Треба да се внимава и на слатките, особено сладоледот кој практично воопшто не е идеално решение за борба со горештините, освен како краткотрајно олеснување.

Спротивно на некои уверување дека солените грицки треба апсолутно да се избегнуваат за време на летото, бидејќи солта ја врзува водата, сепак не треба во потполност да се лишите од овие крцкави задоволства. Вистината е дека со потењето од органзимот се исфрла и огромно количество на сол што треба на некој начин да се надокнади.

Во секој случај, како и да се храниме, потењето не може во целост да се избегне. Одреден губиток на течности е неизбежен, природен, па дури и корисен процес за здравјето на организамот. Овој губиток првенствено се надокнадува со зголемено внесување на вода и други освежителни течности. Погрешно е мислењето дека со пиење на повеќе вода го зголемуваме потењето, бидејќи вишокот на внесена течност се исфрла преку бубрезите и мочните канали, а не преку кожата. Значи со потењето само се намалува телесната температура, а не се исфрла вишокот на течности.

Газираните засладени пијалоци исто така не се препорачливи, секогаш давајте и предност на обичната вода. Избегнувајте претерано разладени течности бидејќи тие го зголемуваат потењето, а наместо тоа конзумирајте млаки и топли напитоци, колку и да тоа ви звучи чудно и неприфатливо.

За време на летото треба да внимавате и на уште нешто. Поради изложувањето на високите температури, храната која е неправилно чувана брзо се расипува, па ако не сакате на летните маки да им додадете плус и труење со храна, треба да бидете исклучително претпазливи. Свежите јајца се особено осетливи на високите температури, а исто така и различните салами и сувомеснати производи, свежите сирења, паштети и слично.

Високите температури не се удар само за вашиот организам, тие делуваат и на расположението. Затоа помогнете си и немојте уште повеќе и непотребно да си отежнувате. Јадете природна, сезонска, свежа и лесна храна. Секако, храната не може да ве заштити од топлотен удар, но добриот избор на намирници може и тоа како да ви олесни полесно да ја поднесете сезоната.