Производите кои се означени со “light“, односно имаат намалена количина на некоја материја, смеат да ја носат таа ознака само ако содржат 30% помалку од соодветната материја во однос на сличните производи кои се “нормални“.

Трикот е во тоа што, ако на пример “light“ се однесува на намалено количество на масти, тоа не мора да значи дека производот има и намалено количество на шеќер. Истражувањата потврдуваат дека ознаката “light“ на различни намази, маргарини, јогурти, па дури и некои грицкалици е само мамец за купувачите, бидејќи во исто време, овие производи содржат иста количина на шеќер (или сол) како и обичните производи, па се всушност, далеку од диетални.

Во ваквите производи кои имаат намалено количество масти многу често се зголемува количеството на присутните јагленохидрати со цел да се подобри вкусот. Значи, ако на производот пишува дека е диетален, тогаш тоа тоа мора да значи дека производот има “намалено количество на масти“, “намалена енергетска вредност“, “намалено количество на заситени масни киселини“, “намалено количество на натриум“ и сл. Со други зборови, ако маргаринот, на пример, содржи 40% помалку заситени масни киселини или 50% помалку калории, тоа никако не значи дека таквиот производ е безопасен во смисла на калориската вредност. Тоа само означува дека производот има помалку заситени масни киселини или помала енергетска вредност во однос на сличните производи. Ова може да биде особено важно за лицата кои имаат повишен холестерол или триглицериди, на пример, или за лицата кои патат од болести на срцето. Позната е приказната и за снегулките кои обично ги конзумираме за доручек. Тие често знаат да содржат многу повеќе шеќери отколку што би требало да има еден таков “лесен“ оброк.

Како заклучок, ако сте намислиле да се храните здраво, или пак од некоја причина мора да внимавате на внесувањето на масти, шеќери, сол или слично, секако проверете ја и декларацијата на производот, наместо да се потпирате само на ознаката “light“.