Ловорот (Laurus nobilis, Lauraceae) е познат уште од најстари времиња. Потекнува од Мала Азија, но многу брзо се раширил во низ медитеранските земји и други региони со погодна (топла) клима. Особено бил важен како симбол во Античка Грција и Рим, каде цареви, херои и поети носеле венци од ловор. Грчкиот бог Аполон дури и го прогласил дрвото на ловорот како симбол за чест, а како таков ловорот се користи и ден денес (поети лауреати), а ловорови венци им биле давани и на победниците на Олимпијадите почнувајќи од 776 година п.н.е. па се до денес.

Ловорот по вкус малку нагорчува и е силно ароматичен. Свежите листови се нежни и не го развиваат својот полн вкус до неколку недели после нивното берење. Кога се исушени, листовите на ловорот има малку цветникав вкус кој често подсетува на вкусот на оригано или мајчина душичка.

Листовите на ловорот се користат како зачин и свежи и исушени. Исушените листови можат да траат многу долго време (до две години, ако се чуваат во затворени садови и на темно место), но сепак со текот на времето ја губат својата арома. Можете да ги тестирате на тој начин што ќе скршите еден лист. Ако се добри, би требало да имаат сочувано малку флексибилност (не пукаат при добир) и сеуште да мирисаат.

Се користат како додаток во скоро секое јадење, а најмногу одговараат во супи, чорби, сосови, маринади, каши и манџи, но се одлични и за зачинување на риба, месо и живина, како и за јадења со зеленчук и морски плодови. Најчесто се користат цели. Кога ги додавате во некое јадење, имајте предвид дека ловоровите листови полека ја испуштаат својата арома, па затоа треба да се стават во почетокот на готвењето. На крајот листовите обично се вадат и се фрлаат (бидејќи можат да предизвикаат потешкотии во системот за варење).

Се комбинираат со било кој друг зачин.