Магдоносот е најпопуларниот зачин во светот кој може да се најде скоро во секој супермаркет и тоа во текот на целата година (секако, најдобар е оној од домашната градина :)).

Има деликатесен и освежителен вкус и убави лисја со силна зелена боја, поради што е незаменлив и како зачин и како украс на голем број на јадења.

Всушност, толку многу сме навикнати на магдоносот, што најчесто и не помислуваме дека магдоносот не е само зачин, туку и растение кое има високи нутритивни вредности и лековити својства.

Имено, магдоносот содржи две групи на посебни состојки кои се многу важни за нашето здравје. Првата група на состојки содржи природни етерични масла кои вклучуваат муристицин, лимонени, еугенол и алфа-тиени. Втората група вклучува флавоноиди како апиин, апигенин, крисоериол и лутеолин. Освен ова, магдоносот е и одличен извор на витамините А, Ц и К.

Заштита од рак

Етеричните масла кои ги содржи магдоносот, а особено муристицинот, штитат од рак (најмногу од рак на белите дробови) што е потврдено со бројни истражувања. Муристицинот исто така го активира ензимот глутатион-С-трансфераза, кои им помага на молекулите на глутатион да се врзат за оксидирани молекули, кои инаку би предизвикале штета на организмот.

Поради етеричните масла кои ги содржи, магдоносот има хемо-заштитен ефект, односно го неутрализира делувањето на штетните хемиски материи кои можат да бидат опасни за здравјето, како на пример канцерогениот бензопирен (кој се наоѓа во димот од цигари) и други материи.

Богат извор на антиоксиданти

Флавоноидите кои ги содржи магдоносот, а особено  лутеолинот, делуваат како силни антиоксиданти, врзувајќи се за слободните радикали и на тој начин го спречуваат нивното штетно делување на организмот. Истражувањата покажале дека екстрактот од магдонос го зголемува антиоксидантскиот капацитет на крвта.

Освен флавоноидите, магдоносот изобилува и со големо количество на витамините Ц и А (особено каретоноид и бета-каротен), кои имаат важна улога во заштита на нашите организми од многу болести. Витаминот Ц, на пример, има многу различни функции. Тој е главниот антиоксидант во организмот кој го неутрализира дејството на опасните слободни радикали. Како што веќе сигурно знаете, високата концентрација на слободни радикали во организмот е поврзана со многу болести, вклучувајќи рак, дијабетес, астма, артериосклероза и тн.

Витаминот Ц исто така има и одлични анти-воспалителни својства, поради што е добар за лечење на сите видови на артритис. Освен тоа, витаминот Ц е важен и за работата на имунолошкиот систем. Затоа, редовното внесување на овој витамин може да ја спречи честата појава на грип, настинки, запаленија на грло и уво.

Бета-каротенот е исто така важен антиоксидант. Диетите богати со бета-каротен го намалуваат ризикот од појава на артериосклероза, дијабетес и рак на цревата. Како и витаминот Ц, така и бета-каротенот поволно делува на астна, остеоартритис и реуматоиден артритис. Во нашиот организам бета-каротенот се претвора во витамин А – нутриент кој игра важна улога во човековиот имунолошки систем.

Магдонос за здраво срце

Магдоносот е добар извор на фолна киселина. Таа е важна за многу процеси во организмот, а најмногу е позната по улогата која ја игра за здравјето на кардиоваскуларниот систем. Фолната киселина помага во претворањето на хомоцистеинот во добра молекула. Инаку, хомоцистеинот е опасен и може многу да ги оштети крвните садови. Високото ниво на хомоцистеин ја зголемува можноста за појава на мозочен и срцев удар кај луѓето кои страдаат од артериосклероза или други болести на срцето. Поради тоа, на овие луѓе им се препорачува храна богата со фолна киселина.

Заштита од ревматоиден артритис

Храната богата со витамин Ц, како магдоносот, овозможува заштита од ревматоиден артритис. Едно истражување направено во Америка вклучувало 20000 луѓе. Сите учесници биле здрави и не страдале од артритис. Половината од нив била ставена на диета богата со витамин Ц, додека останатите не биле. Истражувањето траело неколку години и покажало дека кај луѓето кои јаделе храна богата со витамин Ц, ризикот од појава на артритис бил три пати помал.

Корисни совети

Свежиот магдонос е подобар од сувио. Ако морате да купите сув, бирајте магдонос од органско потекло.

При купување, бирајте магдонос чии лисја имаат темно зелена боја. Избегнувајте ги гранчињата кои имаат жолтеникава боја или кои се овенати – тоа е знак дека се стари или оштетени.

Свежиот магдонос можете да го чувате во фрижидер, спакуван во пластична ќеса затворена со ластиче. Ако магдоносот ви овене, потопете го во малку ладна вода и оставете го да постои околу 1 час пред да го користите.

Ако имате вишок све магдонос, можете лесно да го исечкате и да го ставите на сува кујнска крпа да се суши. Кога ќе се исуши, спакувајте го во теглилчка, добро затворете го и чувајте го на темно и суво место.

Магдоносот можете и да го замрзнете. Исечкајте го ситно, ставете го пластични садови за правење мраз, и дополнете ги со вода. Кога ќе се замрзнат, можете лесно да ги користите коцките во било каква супа или јадење. Замрзнатиот магдонос ќе го задржи вкусот, но нема да биде крцкав.

Магдоносот може да се користи скоро во секое јадење – супи, чорби, салати, јадења од зеленчук и житарици.