Многу често ми се случува да треба да изматам нешто, а тоа миксерот ич не ми се уклучува. Многу ми е некако сложено да го вадам од местото кај што си е складиран, па да го уклучувам, па после треба да ги мијам стапчињата и така натаму. Е па, не ми се прави сето тоа за едно или за две јајца.

Во такви моменти си ја користам рачната маталка, или таканаречената жица за матење. Арно ама, за тоа чудо ти треба искуство (да знаеш како да го држиш, па да знаеш како да го вртиш), па ти треба развиен зглоб, а богами и мускули. Еве, последниот пат кога матев така, раце ме заболеа. Си реков, аман бе, па мора да постои некое попаметно решение! И постои. Оваа полурачна маталка е супер измислица. Неколку пати ќе ги притиснеш рачките и оп – јајцата се изматени! А ништо не те боли! Екстра! И може да се стави во машина за перење садови, што е дополнително плусче, секако.

П.С. Нешто ми се врти дека баба ми имаше на времето некое вакво слично чудо, така да најверојатно ова и не е некој нов изум, ама од друга страна пак, никогаш не сум видела по продавнициве да се продава!