Многу е сладок, врвните готвачи се повеќе го користат во рестораните, може да се најде на полиците во секоја продавница, а истражувањата покажуваат дека е многу корисен за организмот. Разликуваме домашен мед, кој се собира рачно во помали количини и има интензивна арома, и индустриски мед кој се произведува на големи фарми со пчели, се филтрира и пастеризира на високи температури.

Бидејќи бојата, вкусот и текстурата на домашниот мед зависат од сезоната и местото каде се одгледуваат пчелите, а не од адитиви и начини на производство, домашниот мед е многу ценет. Во суштина, ваквиот мед е еден од ретките производи кои се произведуваат на потполно природен начин.

Некогаш нутриционистите го поврзувале медот со шеќерот и сметале дека единствената разлика меѓу нив е поголемата калориска вредност на медот (една лажица – околу 64 калории). Денес, меѓутоа, за медот се знае дека е здрава храна и непресушен извор на енергија. Медот има важна улога и во превенцијата на срцеви болести – истражувањата покажале дека медот ја успорува оксидацијата на ЛДЛ холестеролот кој создава наслаги на артериите.

Потврдено е исто така, дека темните видови на мед содржат исто количество на антиоксиданти како и плодовите, односно цветовите од кои се направени. Освен тоа, медот има и докажано антимикробско делување. Медот нанесен на кожа го забрзува зараснувањето на раноте и го успорува развојот на патогените бактерии. Бидејќи содржи и ензим кој произведува хидроген пероксид, медот може да се користи и за спречување на појава на кариес.

Бојата на медот се одредува според видот на цвеќето од кое е собиран поленот. Светлите медови по правило имаат понежен вкус, а темните (кои се често и погусти) имаат поинтензивен, дури понекогаш и малку горчлив вкус. Основата на медот ја сочинуваат фруктоза, глукоза и вода, но медот содржи и други шеќери, како и траги од ензими, минерали, витамини и аминокиселини.