Денес, кога прекумерната тежина се смета за глобален проблем, истражувањата на механизмите кои го регулираат апетитот се дел не само од научните, туку и од популарните магазини и часописи. Нашиот организам има механизам кој го контролира внесот на калории, а до сега, научниците успеале да идентификуваат неколку компоненти на овој механизам. Меѓу нив се хормоните инсулин и лептин, гхрелин и PYY3-36. Запознајте се со нив, и којзнае, можеби следниот пат ќе изберете малку поинаков начин за слабеење.

Инсулин

Инсулинот е хормон кој го лачи панкреасот, а го регулира метаболизмот на шеќерот. Со процесот на варење јаглехидратите се разложуваат на шеќери, а протеините се разложуваат во аминокиселини. Непосредно после оброкот, нивото на глукоза во крвта расте и сигнализира за отпуштање на инсулинот кој влегува крвотокот. Инсулинот и овозможува на глукозата да влезе во ќелиите на организмот. Инсулинот, заедно со друго хормони одредува дали нутриентите ќе бидат претворени во енергија или ќе бидат скалдирани во ќелиите. Инсулинската резистентност (неможност за користење на инсулинот) се поврзува истовреме и со дијабетес и со прекумерната телесна тежина.

Лептин

Лептинот е хормон кој го лажат ќелиите на масните ткива. Откриен е во 1994 година и во прво време по неговот откривање се верувало дека може да биде ефикасен лек за слабеење. Пронајдена е врска меѓу нивото на лептин во крвта и количината на масното ткиво – колку повеќе масно ткива има некоја личност, толку поголемо е нивото на лептин во крвта.

Нивото на лептин во крвта претставува еден вид на информација која на мозокот му кажува дали организмот е сит или гладен. Зголемувањето на нивото на лептин сигнализира дека организмот е сит, па апетитот се сузбива, додека ако нивото на лептин е ниско, мозокот добива информација дека организмот е гладен и го поттикнува апетитот. Кај лицата со прекумерна телесна тежина, на кои организмот поради мутации не им произведува лептин, мозокот се однесува како постојано да прима информација дека организмот е гладен бидејќи нема лептин кој би го намалил апетитот.

Некои истражувања покажале дека секојдневното инјектирање на лептин предизвикува намалување на апетитот и намалување на телесната тежина. Лептинот може да делува и на резистентноста на организмот на инсулин. Се покажало дека лептинот и инсулинот влијаат на осетливоста на мозокот кон сигналите за ситост кои ги праќа организмот. Ако внесеме доволно храна, нивото на овие хормони расте, олеснувајќи му на мозокот да ги препознае сигналите кои му велат дека организмот е сит. Ако некоја личност е потхранета, ниското ниво на овие хормони има спротивен ефект. За жал на голем број на луѓе, овој систем е многу поделотворен кога не чува од губење отколку од добивање на телесна тежина.

Гхрелин

Хормонот гхрелин е откриен неодамна и според резултатите од бројни истражувања, тој игра важна улога во регулирањето на апетитот. Тој го поттикнува апетитот, а се лачи во желудникот. Нивото на гхрелин во крвта расте неколку часови пред секој оброк, а врвот го достигнува непосредно пред јадењето. Откако оброкот ќе заврши, нивото на гхрелин паѓа. За разлика од лептинот, кој делува како долгорочен модулатор на апетитот, гхрелинот делува краткорочно, влијаејќи на чувството за глад пред секој оброк.

Со други зборови, лицата кои се обидуваат да ја намалат телесната тежина со воздржување од храна по пат на “брзи“ диети, се борат против повратен механизам кој станува се посилен со губењето на повеќе килограми. Конечно, диетата за слабеење резултира со неуспех.

Во едно истражување биле испитувани 13 мажи и жени со вишок телесна тежина и 10 мажи и жени со нормална тежина. Кај обете групи, нивото на гхрелин растело непосредно пред оброците и паѓало веднаш по нив. Но кај лицата кои биле подложени на нискокалоричен режим на исхрана и губеле телесна тежина, нивото на гхрелин во просек пораснало за 24% на дневно ниво.

Зголемувањето на нивото на гхрелин го зголемило апетитот за храна богата со шеќери и масти. Затоа е многу веројатно токму овој механизам да биде виновникот што многу луѓе кои биле на диета и ослабеле, не само што си ги вратиле изгубените килограми, туку неретко дури и ја зголемиле телесната тежина за дури 10% брзо по прекинувањето на диетата.

PYY3-36

Хормонот PYY3-36 е откриен во 2002-та година. Го лачат ќелиите од системот за варење, а нивото му расте после конзумирањето на оброкот и е пропорционално на калориската вредност на оброкот. Зголемувањето на нивото на PYY3-36 е информација за мозокот дека организмот веќе не е гладен.

Според истражувачите, овој механизам би требало да работи сосема добро кога бројот на внесените калории би се изедначил со бројот на согорени калории. Меѓутоа, тоа не е баш секогаш така, а виновник за тоа е најчесто самата психа, бидејќи освен биолошките механизми кои го регулираат апетитот, постојат и психолошки механизми, дури често се дури и подоминантни од биолошките.

На пример, кога седнуваме на маса за да јадеме, поретко го правиме тоа заради тоаа што нивото на шеќер во крвта ни е низок, или затоа што нивото на одредени хормони е зголемено или намалено, а почесто заради тоа што ни треба одмор помеѓу две работни задачи, или затоа што е баш соодветно време за оброк. Тука голема улога игра и навиката за конзумирање на храна и тоа секој ден во одредено време. Без оглед на тоа дали се гладни или не, некои лица никогаш нема да го прескокнат оброкот во 14 или во 19 часот затоа што тоа е времето кога секој ден ручаат или вечераат. Достапност на примамлива храна, големината на оброците и нивната разновидност, на пример, не поттикнуваат да јадеме дури и кога нашиот апетит е комплетно задоволен.