Пишува: Проф. Др. Лилјана Андреева. Постојат голем број на елементи кои се од исклучително значење за човечкиот организам. Иако повеќето од нив влегуваат во составот на голем број протеини, сепак постојат и одредени специфични елементи кои имаат големо влијание врз активноста на различни ензими. Станува збор за т.н. макороелементи и микроелементи кои во организмот се внесуваат преку храната, а за кои кај нас е општо прифатен изразот „минерали“, додека во англискиот јазик се нарекуваат „dietary mineral“. Од научна гледна точка, овој израз не е соодветен со оглед на тоа што со терминот „минерали“ се означуваат кристали на некои хемиски соединенија кои се среќаваат во геосферата на земјината кора. Според мене, подобро е да се говори за макроелементи и микроелементи, израз кој и јас ќе го користам во понатамошниот текст.

Човечкиот организам се состои приближно од 60 % вода, 34 % органски соединенија и 6 % неоргански соединенија. Основните компоненти на органските соединенија се јаглеродот, водородот, кислородот, но има и одредени количества на азот, фосфор и сулфур. Овие макроелементи се нарекуваат биогени или макронутриенти и влегуваат во составот на протеините, мастите, јаглеводородите (шеќерите) и разните нуклеински киселини. За нив е прифатен следниот акроним – CHNO, кој е добиен од соодветните хемиски ознаки на елементите од периодниот систем (C-јаглерод, H-водород, N-азот и O- кислород).

Во групата на неорганските соединенија се присутни 22 хемиски елементи од периодниот систем. За макроелементи се сметаат оние елементи кои во човечкиот организам се застапени со повеќе од 0,005 %, а микроелементи се нарекуваат оние елементи кои во организмот се застапени со помалку од 0,005 % од вкупната маса на телото. Концентрацијата на микроелементите во ткивото понекогаш е помала од 0,000001 %, но и покрај тоа тие имаат важна улога во организмот.

Во групата на макроелементите се вбројуваат: калциумот,фосфорот, сулфурот, хлорот, магнезиумот, натриумот, калиумот, а во групата на микроелементи: железото, бакарот, манганот, јодот, цинкот, селенот, флуорот, кобалтот, молибденот, хромот. Други елементи застапени во човечкиот организам се оловото, никелот, силициумот, ванадиумот.
Поголем дел од овие елементи (макро и микро) во организмот образувааат комплексни соединенија со сложените органски молекули. Така на пример, манганот влегува во состав на 12 различни ферменти, железото влегува во состав на 70, бакарот – 30, а цинкот е на врвот на листата – влегува во составот на дури 100-тина ферменти.

Мал недостаток на некои од овие елементи го намалува дејството на соодветниот фермент. Еве еден пример: секому му е познато дека недостаток на железо во организмот доведува до анемија. Во текот на животниот век на човекот постојано се случува процесот на создавање на нови клетки од хемоглобин и изумирање на старите. Но, за повторното создавање на тој „нов“ хемоглобин, потребно е железото кое се внесува по пат на храна богата со железо. Ако не внесуваме таква храна, се јавува недостаток на железото, а тоа пак значи дека хемоглобинот не може да се регенерира, и анемијата почнува да го мачи човекот. Но, постои и другата страна на „медалот“. Вишокот, пак, на железо во организмот може да доведе до појава на некои заболувања како на пример болеста позната како сидеросис (Siderosis) – таложење на железо во ткивото на окото.

Во суштина, улогата на макро и микроелементите за организмот е огромна. Заради тоа, недостатокот од некој од овие елементи го нарушува човековото здравје. Уште нешто важно што треба да се знае е фактот дека без витамините организмот не може да ги усвојува овие елементи.

Бидете со нас и во наредните неколку дена бидејќи следуваат важни информации за секој од макро и микроелементите присутни во човековиот организам вклучувајќи и информации за тоа во која храна се среќаваат, која е дневната доза, зошто се корисни, но и зошто се штетни.