Кога се аборува за предностите на минералните води во однос на “чешмарката“, треба да се биде внимателен. Точно е дека минералните води содржат повеќе природно растворени минерали кои многу подобро се апсорбираат во организмот од оние што ги внесуваме со храната. Да, со минералните води се постигнува баланс на електролитите во телото и се пополнуваат залихите кои организмот природни ги губи при зголемени психофизички активности или за време на болест.

Но, сето ова не значи дека минералната вода треба да ја пиеме во неограничени количини, бидејќи претерувањето може да доведе до нарушување на рамнотежата во организмот и до низа физиолошки пореметувања кои пак, од своја страна, можат да доведат до различни болести.

Затоа треба да се прави разлика меѓу флаширана вода за пиење и флаширана минерална вода. Флашираната вода за пиење може да се пие исто како и “чешмарката“, во неограничени количини, но само ако е со соодветен квалитет. Минералните води, пак, треба да се пијат внимателно и тоа не повеќе од една до две чаши дневно.

Флашираните води за пиење се, исто како и “чешмарката“, строго контролирани и имаат помали вредности од максимално дозволените концентрации на поединечни елементи. Оваа контрола подразбира дека ваквите води се подложни на чести микробиолошки и хемиски испитувања на квалитетот.

Во продавниците денес може да се најде голем број на најразлични минерални и обични флаширани води, што секако доведува и до грешки во изборот. На пример, кога бираме минерална вода, најважно е таа да има ниска концентрација на нитрати, сулфати, хлориди, бор и натриум. Покрај тоа, многу е важен и односот на калциум и магнезиум, кој во најдобар случај треба да биде 2:1.

Што е подобро да се пие

Најдобро е да се пие вода од славина, под услов таа да е со соодветен квалитет. Во Скопје, па и во цела Македонија, водата од славина е со доста добар квалитет и може да се пие без никаков ризик. Покрај тоа, и обичната флаширана вода може да се пие во неограничени количини, но кај минералната морате да внимавате – не повеќе од две чаши дневно.

Како да ја изберете најдобрата вода за целото семејство

Не постои универзална минерална вода која е соодветна за сите возрасти, односно за целото семејство. Значи, изборот зависи од возраста, индивидуалните потреби и здравствената состојба на секој член од семејството. Ова не важи за “чешмарката“ секако, и неа можат да ја користат сите и во секое време.

Која амбалажа е подобра

Секако дека стаклената амбалажа е најдобра. Но, денес најмногу се користи ПЕТ пластичната амбалажа, а во неа водата може да се чува најмногу до година дена и тоа под услов да е складирана во строго одредени услови. Во спротивно, може да дојде до нарушување на квалитетот на водата.