Ако се замислите малку, ќе видите дека лимонот е единственото важно (и здраво) овошје кое никој не го јаде. Иако вкусот на лимон е еден од најпопуларните во светот, сепак никој никогаш не загризнува зрел и сочен лимон. А тоа не е единствената чудна работа во врска со лимонот.

Мистериозноста на лимонот е поврзана дури и со неговото потекло. Историчарите на храна во текот на многу векови го поврзале ова овошје со различни земји и региони. Некои од нив тврдат дека потекнува од Кина, но не постои трага за постоење на лимонот во Кина која датира пред десеттиот век. Од друга страна, во Грција и Рим лимонот бил познат уште од 185 година п.н.е, а слики од лимонот се појавуваат и на ѕидовите на некои градби во Помпеја. Други историчари велат дека лимонот потекнува од Малезија, трети тврдат дека е од Персија. Единственото нешто што се знае со сигурност е дека не се знае точно од каде потекнува лимонот.

Употребата на лимонот се зголемила во периодот помеѓу првиот и вториот век од нашата ера, кога земјите од Средниот Исток започнале масовно да го произведуваат. Постојат податоци кои кажуваат дека римскиот император Трајан во тоа време увезувал лимони од Либија (инаку римјаните верувале дека лимонот е моќен противотров). За време на осмиот и деветтиот век, лимонови дрвја биле садени во Сахара, а оттаму Маврите го пренеле лимонот во Шпанија. Се смета дека земјите од северна Европа немале никаков контакт со лимонот се до 1200 година, кога крстоносците го донеле по враќањето во своите татковини. Инаку, зборот лимон потекнува од Арапскиот збор laymun.

Лимоните денес се присутни и популарни насекаде, а се користат на многу различни начини. Традиционално, аромата од лимон се употребува во десерти и сосови, а првата минерална вода со вкус на лимон била произведена во Америка во 1845 година. Во повеќето земји се користи само лимоновиот сок, меѓутоа има и места каде што употребата на лимонот е малку поширока. Така на пример, во Мароко лимоните се конзервираат. Во Индија ги конзервираат младите зелени лимони и тоа во масло од синап со зачини.

Во секој случај, лимоните се користат или како додаток на некое јадење, или како специфичен деликатес. Но, никогаш не се користат како обично овошје.