Зависник од кафе? Голем зависник од кафе? Којзнае дали постои во светот некој што е поголем зависник од  кафе? Драги мои, точно знам како ви е. И ако сум толку голем зависник што никогаш не одбивам кафе, па макар какво и да е, сепак, задоволството кое може да го пружи една шолјичка добро кафе е непроценливо.

Во контекст на ова, веднаш да ви кажам дека одењето на подолг пат (со автомобил), а богами и оние разно-разни собиранки во природа како пикници, излети и слично, ми се просто кажано – ноќна мора. А бе некако нозеве ми се враќаат наназад кога ќе ми текне дека таму нема кафе, или дека треба да изведувам егзибиции од типот барање на соодветна бензинска пумпа (каде што кафето е …. па пивливо, да речеме) или пакување на плински решоа, џезвиња, садчиња со кафе и шеќер, лажички, шолјички и што ли уште не….Едноставно нема лезет, што би рекла другарка ми. Па уште, не дај боже да си на излет и си ги спакувала сите  горенаведени работи, па седнеш да си направиш кафе, и одеднаш слушаш од 200 страни “Ај и за мене, ако не ти тешко!“

Е тешко ми е бе луѓе! Така да знаете! Туку, да не се занесам (по којзнае кој пат), сакав да ви кажам за ова прекрасно мобилно апаратче за правење еспресо! Ни помалку, ни повеќе, туку лудница! Додуша, малку е соленко во цената (читај 100 евра, а може да се нарача тука), ама се исплати, да ви кажам. Особено ако често ги практикувате оние активности од погоре.

Уф, од муабетов ми се припи кафе….Ве оставам со здравје и нека ви е на здравје кафето (некако бев сигурна дека ќе ми се придуржите :))!