Многу внимание посветувате на тоа да ја изберете вистинската храна за вашето семејство, а дали сте знаеле дека и начинот на кој храната се подготвува влијае на квалитетот и хранливите вредности на таа храна? Некои методи за готвење можат да го сочуваат вкусот и хранливите вредности, а некои пак можат да уништат се што е добро, и дополнително да создадат други штетни материи.

Во секој случај, она што може да се земе како генерално правило е дека секогаш е подобро да се готви на пониски температури отколку на повисоки. Ова не само што овозможува да се сочуваат хранливите материи, туку е важно и поради маслото со кое што готвите. Имено, скоро сите раститетелни масла со кои вообичаено готвиме лесно се уништуваат на високи температури (горат), а со тоа значително се зголемува ризикот од појава на различни болести кај луѓето.

Во продолжение ви донесуваме листа на најпознатите и најчесто применувани начини на готвење, и тоа почнувајќи од оние кои се најдобри па се до оние кои се најлоши за вашето здравје.

1. Јадете сирова храна

Ова всушност и не е метод за готвење, ама е многу здрав начин за конзумирање на омилената храна. Сировата храна содржи повеќе витамини и други хранливи материи кои можат да се изгубат во процесот на готвење. Јадењето на сирова храна може да биде екстремно или чудно, ама ако знаете добро да ги комбинирате намирниците, можете да направите одлични јадења и тоа во многу кратко време. Секако, не може баш сите намирници да се јадат сурови, ама доста од нив можат, па затоа користете ја секоја прилика. Ако ништо друго, задолжително вклучете чинија со свежа салата во секој оброк, или пак земете блендер и наполнете го со јогурт, сирење, зеленчук или овошје.

2. Готвење на пареа

Во тенџере ставете малку вода, над тоа додадете друг сад (по можност со дупчиња) и во него додадете ја храната. Додека водата се вари, пареата полека ја вари и храната, само треба да се погрижите процесот да не трае премногу долго, бидејќи е важно храната на крајот сеуште да ја има својата боја и да биде малку крцкава. Овој метод е најдобар за зеленчук и риба, а можете дополнително да го збогатите вкусот на храната ако во водата додадете одредени зачини.

3. Поширање

Можете да поширате пилешко месо, јајца и друга храна во мала количина вода. Користете тенџере со капак и тргнете ја храната од шпоретот кога ќе омекне.

4. Печење во рерна

Ова е сосема здрав начин на готвење. Повеќе се препорачува печење на пониска температура подолго време, отколку печење на повисока температура за кратко време. Можете да печете месо, риба, овошје, зеленчук, леб и пецива…. Ако сакате да ја задржите влагата на храната, печете во затворени садови, а можете да пробате и печење во алуминиумска фолија. Само ставете ги намирниците во парче фолија, капнете малку масло, добро затворете и печете.

5. Пржење со мешање

Брз и здрав начин на готвење. Исечете го месото и зеленчукот на мали парчиња со приближно иста големина, додадете сосема малку масло, ставете се во тенџере или некоја подлабока тава и мешајте постојано додека храната не биде готова (месото почнете да го пржите пред зеленчукот, бидејќи му треба повеќе време). За да ги зачувате хранливите вредности, немојте да пржите премногу долго.

6. Динстање

Кога динстате месо или риба, запржете прво малку на масло, а потоа одозгора истурете мала количина на течност. Поклопете ја тавата и оставете да се динста на ниска температура. Кога ќе биде месото готово, од преостанатата течност можете да направите вкусен сос.

7. Варење

Храната која е зготвена со варење е здрава бидејќи нема никакви дополнителни штетни материи. Но, голем број на хранливите материи можат да се изгубат во текот на варењето и постои опасност храната да се превари. Варењето на пареа е најдобриот начин за приготвување на храна со варење.

8. Скара

Многу луѓе обожуваат храна подготвена на скара, но ваквиот начин на готвење со себе носи некои ризици за кои треба да бидеме свесни. Димот од скарата содржи канцерогени хемикалии познати како полициклични ароматски јаглероводород. Исто така, со ваквото готвење се формираат и хетероциклични амини поради тоа што храната се готви на високи температури. Дополнително, се формираат и материи кои доведуваат до оксидациски стрес, воспаленија, се зголемува на ризикот од срцеви болести, дијабетес и болести на бубрезите.

9. Пржење

Пржењето е најлошиот начин на готвење. Исто како и скарата, пржењето овозможува создавање на канцерогени материи. Исто така, пржењето ја изложува храната на големи количини на масло кое оксидира, а кое потоа се вовлекува во храната и може да направи хаос во организмот. Најдобро би било ако би можеле комплетно да го избегнувате пржењето, а наместо тоа да користите некој од горенаведените методи за готвење. Или пак, немојте да пржите во масло, туку користете мала количина на течност (супа, вода во која сте вареле коска или месо и сл.) и пржете на ниски температури.