Листот на растението Стевиа бил употребуван за засладување од страна на индијанските племиња во Парагвај, Боливија и Бразил повеќе стотици години. Stevia rebaudiana, уште позната и како “сладок лист“, “шеќерен лист“, или едноставно стевиа, се одгледува токму поради своите слатки листови. Со екстракција од нејзините листови и плодови се добива засладувач кој може да се купи во продавниците за здрава храна во неколку форми – течна, во прав, или во вид на мали пилули. Правот добиен со екстракција од листови е околу 200 до 300 пати посладок од обичниот шеќер, додека самите листови на растението се 35 до 45 пати послатки.

Нема енергетска вредност и не предизвикува инсулински одговор, што е воедно и најважната и најпозитивна карактеристика на растението. Поради тоа може совршено да се вклопи во било која редукциска диета, како и во исхраната на лица заболени од дијабетес тип II, но е одлична и во исхраната за деца, бидејќи не претставува добра подлога за раст на бактерии, па така ги штити забите од кариес.

Иако долго време се сметала за штетна по човечкиот организам и била забранета во САД и Европа, денес ситуацијата е многу сменета. Во 2006 година, Светската Здравствена Организација извршила истражување кое докажало дека не само што стевиата не е штетна, туку е напротив, и многу полезна и има фармаколошки својства, па помага во подобрувањето на состојбата кај лица заболени од дијабетес тип II и кај оние кои страдаат од повишен крвен притисок. За овие лица се препорачува конзумирање на стевиол гликозид и тоа во количина од 4 мг на килограм телесна маса.

Големиот број на истражувања направени во последните години ги имаат истакнато следните позитивни ефекти од користењето на стевиа:

  • ја регулира гликозата во крвта (нејзини слатки состојки се гликозиди, а не јаглехидрати)
  • намалува мачнини
  • го поттикнува варењето на храната
  • помага во намалувањето на крвниот притисок
  • го забрзува зацелувањето на раните и ги ублажува лузните
  • има позитивен ефект кај остеопорозата

Освен со стевиозиди (кои ја даваат слаткоста на растението), листовите на стевиа се богати и многу микронутриенти како железо, калциум, натриум, калиум, магнезиум, фосфор, цинк, и витамини А и Ц. Бидејќи голем дел од овие имаат антиоксидантски ефект кога се искомбинирани, не зачудува ни фактот дека стевиата има и антиканцерогени својства.

Но внимавајте, медалјата, како што велат, има и друга страна. Така, при користење на стевиа може да се појават и некои несакани ефекти како мачнини, вртоглавица, главоболка, повраќање или слабост во мускулите, иако мора да се нагласи дека сите овие се манифестираат дури при конзумација на многу големи количини на стевиа.

Поради сето ова, стевиата претставува 100% природен  засладувач со кој не може да се мери ниеден друг. Кај нас, како што веќе споменавме, може да се купи во продавниците за здрава храна, а ако се одлучите да ја користите, бидете трпеливи. Стевиата има еден специфичен вкус кој може да ви пречи во почетокот, но брзо ќе се навикнете, а сите предности кои стевиата ги носи со себе се и тоа како доволен мотиватор за побрзо да успеете во тоа.