MiGusto.mk – Мој живот. Мојот вкус!

Неколку зборови за различните видови житарици

Неколку зборови за различните видови житарици
Ако единствените житарици кои ги знаете се пченица, ориз, пченка, и евентуално јачмен (и тоа само заради фактот што истиот се користи за производство на пиво), време е да го проширите своето знаење. Во групата на житарици, покрај веќе наведените, спаѓаат и: рж, овес, просо и хељда.

Како што веројатно ви е познато, житариците се богат извор на скроб (сложен јаглехидрат), витамини од групата Б и диетални влакна. Содржат околу 2-5% масти, и тоа главно незаситени.

Житариците и производите од житните култури ја претставуваат основата на прехрамбената пирамида. Се препорачува нивна конзумација на дневна база, и тоа во 3-6 порции. Уште една препорака врзана за житариците е при изборот секогаш да им давате предност на интегралните житарици кои се побогат извор на витамини, минерали и диетални влакна во однос на преработените житарици.

Житариците исто така содржат и околу 7-12% протеини, во зависност од видот. Групите протеини кои ги има во житариците се албумини (леукозин), глобулини (едестин, авеналин), проламини (глиадин, авенин, зеин) и глутелини (глутенини, сецалинин, хорденин).

Неколку зборови за секоја од наведените житарици

Пченицата е најчесто користената житарица на нашите простори. Се користи во производството на леб, печива и колачи. Но, не мора секогаш да ја употребувате во класичната варијанта. За промена, можете да пробате кус-кус и бургул. Инаку, бургулот е полу-сварена, исушена и издробена пченица. И бургулот и кус-кусот одлично одговараат со јадења кои обично ги јадете со ориз.

Рж – по морфологијата, оваа житарица е најслична на пеницата. Зрната и се потенки и подолги во однос на оние од пченицата, а бојата може да биде било која нијанса меѓу жолто-кафена и сиво-зелена. Ржта е одличен извор на манган, селен, фосфор, магнезиум и цинк, како и на калиум. Ржаниот леб, на пример, е подобар за дијабетичарите од пченкарниот леб бидејќи предизвикува послаб инсулински одговор. Арабиноксиланот, состојка која во ржта ја има во изобилство, ја поттикнува перисталтиката на цревата и така помага при опстипација. Ржта и производите од рж (брашно и снегулки) треба да се чуваат на суво и темно место, и тоа не повеќе од 1 година.

Јачмен – неговиот просечен хемиски состав е сличан на оној кој се среќава кај другите житарици. Поточно, 100 г свеж јчмен содржи 9,4 г вода, 12,5 г протеини, 2,3 г масти, 73,5 г јаглехидрати и 17,3 г влакна. Во излепените зрна од јачмен овие вредности се малку поразлични – процентот на протеини и масти се намалува, а процентот на јаглехидрати се зголемува. Нутритивната вредност на јачменот уште повеќе се зголемува ако го оставиме да изрти, а потоа од него да направиме зелен чај кој е одличен антиоксидант. Може да се користи во сите јадења во кои обично се користи оризот – разни салати, како додаток во сосови, во сарма и полнети пиперки. Научно е докажано дека го намалува ризикот од срцеви заболувања.

Овес - по количината на протеини, овесот е најхранливата житарица. Најзаслужни за позитивниот ефект на овесот се диеталните влакна кои се разложуваат во вода. Тие превентивно делуваат против болестите на крвниот систем, а и подолго го одржуваат чувството на ситост. Овесот исто така ги содржи и сите поважни минерали и витамини.

Ориз – разликата меѓу различните видови на ориз е голема и не се задржува само на бојата. Почнувајќи од белиот ориз кој е насиромашен со хранливи материи, па се до црниот ориз кој е многу поздрав, нутриционистичката вредност на различните типови на ориз може значително да варира од еден до друг тип. Во споредба со останатите житарици, оризот има најголема енергетска вредност (361 kcal на 100 г), но спаѓа во диетални намирници бидејќи е хранлив и лесно се вари – брзо дава енергија и добро делува на цревната флора. Оризот не ги содржи сите потребни аминокиселини, па е препорачливо да се конзумира заедно со мешункастите растенија, со што се обезбедуваат сите потребни материи за организмот. Инаку, оризот е богат со фосфор и со калиум, а содржи и магнезиум, калциум, железо, бакар, цинк и други минерали. Од витамините најмногу е присутен витаминот Е, а скоро сите витамини од групата Б ги има во лушпата на оризот.

Просото е многу здрава намирница. Богато е со магнезиум и железо, што е особено важно за луѓето кои имаат проблеми со анемија. Минералниот состав на просото позитивно делува на работата на нервниот систем, а е значително погоден и за луѓето кои боледуваат од артритис, како и за луѓето кои пијат антибиотици или кои имаат проблеми со системот за варење бидејќи помага при регенерацијата на цревната флора. Просото не содржи глутен поради што е особено добро за оболените од целијаклија.

Пченката, сметајќи по површината на која се одгледува, е трета култура во светот, веднаш зад пченицата и оризот. Освен во вид на пченкарно масло кое се смета за многу квалитетно, пченката се користи цела, варена или печена, како брашно – за различни печива и леб, а тука се и неизбежните пуканки. Скробот е состојка која е најмногу застапена во зрното на пченката (73%) и претставува важен извор на енергија. Останатите јаглехидрати во пченката се едноставни шеќери: глукоза, сахароза и фруктоза кои ги има во количини од 1 до 3 проценри. Протеините имаат ниска биолошка вредност поради недостатокот на есенцијалните аминокиселини лизин и триптофан.

Хељдата е житарица која е погодна за лицата кои страдаат од целијаклија (алергични на глутен). Од сите житарици, хељдата содржи најголема количина на аминокиселината лизин. Познати се лековитите својства на чајот од хељда во лечењето на болести на крвните садови, слабо памтење, ревматизам, глауком и дијабетес. Чајот од цветот на хељда има особено лековито дејство за дишните органи и белите дробови.

  • Bilo koj

    Pozdrav do Mi Gusto i site Mi Gustovci koi go pravat ovoj portal eden od najdobrite.VE OBOZAVAM.Statijava vi e odlicna.Sakam da Vi ukazam na eden mozebi nesvesen od Vasa strana propust…BULGUR-jo narekuvate iskrsena i poluvarena pcenica.Da,megutoa vistinskoto ime e BURGUL.Ziveam vo zemja kade sekojdnevno se upotrebuva ovoj vid na zitarica,megu drugoto i site ostanati.Ve citam sekoj den i so netrpenie ocekuvam sto novo ke ”osamne”na vasata strana.Ve pozdravuvam.

    • http://www.migusto.mk/ MiGusto

      Ти благодараме за убавите зборови и фала за сугестијата, таа веќе е поправена

    • http://www.facebook.com/emizdravkova Emily Zdravkova Alioto

      Ne tocno, sekade se vika razlicno, Pr. vo Italija e bulgur, vo Makedonija e bungur!