Ако сакате да ја извлечете максималната количина витамини и минерали од овошјето и зеленчукот, тогаш најдобрата варијанта се природните сокови, бидејќи преку нив, организмот најлесно ги апсорбира сите хранливи состојки.

Сепак, имајте предвид дека со природното цедење, овошјето и зеленчукот ги губат природните влакна, па за го надокнадите ова, не би било лошо да ги искомбинирате ваквите сокови со интегрални житарки.

Колку е доволно?

Овошјето е богати со различни хранливи материи, но содржи и голема количина на шеќер. Затоа, нутриционистите препорачуваат да се задржите на 2 порции овошје и 2,5 порции зеленчук дневно. Дополнително, за да го избегнете внесувањето на преголлема количина на шеќер, искомбинирајте го сокот од овошје со некој зеленчук. Спанаќот, морковот, цвеклото и целерот, на пример, одлично можат да се искомбинираат со било какво овошје. Со ваквото мешање не само што ќе го подобрите вкусот на свежо исцедениот сок, туку ќе внесете и поголем број на здрави и хранливи материи.

Споменавме порции од овошје и зеленчук, но колку точно изнесува една порција? Па, на пример, една шака зелена салата е порција зеленчук, а една шака капини, или 1 дл исцедено овошје е порција овошје.

И не заборавајте, ваквите природни сокови треба да се пијат веднаш по подготовката, бидејќи топлината, светлината и воздухот го забрзуваат разградувањето на хранливите материи. Ако случајно сте направиле поголема количина, спакувајте го сокот во пластични садови или шишиња, добро затворете ги и ставете ги во фрижидер, но не ги чувајте подолго од 24 часа.

Какви сокови треба да пиете?

Готовите, купечки сокови се конзервираат, а со тоа се уништуваат и голем број од хранливите материи (витамини, минерали, ензими). Поради тоа, најдобро е соковите да си ги подготвувате сами. На почетокот може да ви се чини дека сокот од зеленчук е одвратен, ама брзо ќе се навикнете на новите вкусови. И за почеток, избирајте го оној зеленчук кој секако го јадете сиров: домати, пиперки, моркови…..

Предлог рецептче

Еве едно сокче кое го зајакнува имунитетот и може да го задоволи скоро сечиј вкус: земете 3 моркови со средна големина, две стракчиња од целер, 1 слатко јаболко и прстофат ѓумбир. Кога ќе се навикнете на вкусот, постепено додадете и половина краставица и малку магдонос (ова е одлично за бубрезите, има диуретски својства и големи количини на витамин Ц).

Добар избор секогаш е и сокот од спанаќ. Тој помага во прочистувањето на цревата и бубрезите, а е истовремено преполн со витамини. Во ваквиот сок додадете малку лимон за подобрување на вкусот. Инаку, пиењето на половина литар ваков сок дневно, може за кратко време да ги отстрани и најголемите проблеми со пробавата. Но, еве и еден совет. Немојте да го варите спанаќот, бидејќи на тој начин во бубрезите се трупаат кристали на оксалната киселина кои повлекуваат болки и проблеми со бубрезите.

За чистење на кожата пак, и тоа и надворешно и внатрешно, одлична е комбинацијата од домати и краставици. Моѓете дури и да додадете пиперка во соковникот додека го подготвувате ова сокче. И не само што ќе можете да го пиете, туку ќе можете да го користите и како природна маска за лице. Згодно, нели?

Сокот од цвекло е одличен за создавање на црвени крвни зрнца, со што допринесува за општото јакнење на организмот. Особено им се препорачува на жени кои се изложени на голем физички напор и на трудници, и тоа во комбинација со морков и јаболко.

И за крај, уште една мала сугестија. Разблажете ги ваквите сокови со вода. Со тоа го спречувате дебелеењето, бидејќи побрзо се заситувате, а внесувате иста количина на минерали и витамини. Експериментирајте со различни вкусови и уживајте во секојдневната доза на здрави и природни сокчиња.