Лекарите велат дека прво правило кое треба да го почитувате е да пиете дури после јадење, а никако на празен желудник, бидејќи кога сте најадени, алкохолот подобро се вари и поспоро навлегува во крвта. Во спротивно, полесно ќе ве “фати“ и директно ќе го нападне нервниот систем.

Алкохолот го отежнува варењето

Нашата традиција вели дека добро е пред јадењето да се напиеме нешто жестоко (да не речеме ракиичка) за подобро да се свари храната. Меѓутоа, лекарите велат дека алкохолот наместо да го олесни, всушност го отежнува варењето со тоа што ја надразнува слузницата на желудникот и го успорува поминувањето на храната, така што стомакот станува надуен, храната се враќа во храноповодот, па почнува упорно штуцање и отежнато дишење.

Негативното дејство на алкохолот на централниот нервен систем е повеќекратно, а се манифестира преку: замаглен вид, успорени рефлекси, слаба координација на движења, отежната концентрација, главоболки и повраќање. Секако, и наредното утро не поминува без последици кои обично значат вртоглавица, главоболки, мачнини, и слично. Утринските главоболки особено знаат да бидат непријатни, а се појавуваат како последица на хипогликемија, односно пад на нивото на шеќерот во крвта, на што директно делува алкохолот. Друга причина за овие главоболки е дејството на адитивите, особено оние кои ги има во виното, а кои произведувачите ги користат како стабилизатор во процесот на ферментација. Главоболките обично се пропратени со нагон за повраќање, кој многумина го решаваат на тој начин што едноставно го поттикнуваат повраќањето (обично со ставање на прсти во устата). Ова, велат лекарите, никако не треба да го правите.

Малку сон и многу течности

Најдоброто решение за неутрализирање на штетното дејство на алкохолот е сонот. Ако ни после добро спиење не се чувствувате добро, тогаш треба да внесувате што е можно повеќе течности како вода, овошни сокови и чаеви. Истите треба да се пијат во помали, но почести голтки. Притоа, дадете и предност на млака лимонада, бидејќи лимонската киселина го намалува нагонот за повраќање, го подобрува варењето и го забрзува разложувањето на алкохолот.

Според лекарите, нашите вообичаени методи за решавање на мамурлакот, како кафето и расол од кисела зелка, воопшто не се ефикасни. Имено, кафето е иритант кој во ваквите случаи дополнително го иритира нервниот систем веќе погоден од дејството на алкохолот, па побрзо шолјичката кафе ќе ве доведе до заспивање отколку до будење. Расолницата од друга страна, добро делува на исцрпениот организам поради големата количина на витамин Ц, но исто така делува и штетно, бидејќи големата количина на сол во расолницата може да го зголеми крвниот притисок.