Тој е еден од најпознатите српски кувари, автор на популарното кулинарско шоу Гастрономад и горд сопственик на  прекарот Лепи Брка. Редакцијата на Мигусто се потруди да стапи во контакт со него и да обезбеди интервју од човекот кој се надеваме дека ќе имаме прилика да го пречекаме на гости и да го угостиме со нешто типично вкусно македонско.

Шест години работевте како готвач на оние големи прекуокеански бродови–крузери. Што се таму научивте и дали тоа искуство ви помогна да бидете она што сте денес?
Да работев на крузер доста години и тоа е единствената школа која ја имам, барем што се однесува до готвењето, ако не се земе во предвид средното угостителско училиште. Од оваа перспектива гледано искуството кое го стекнав работејќи на овие пловечки градови беше клучно за ова што го работам денес. Патувајќи научив дека треба да се проба се што ќе ви се најде при рака и дека светот е многу пошарено и поубаво место отколку што ти се чини кога го набљудуваш од некоја мала средина.

Во период кога на ТВ може да се погледнат еден мал милион кулинарски шоуа, според вас кој е рецептот за успех, тајната формула со која успевате да ги држите гледачите пред екран?
За да направиш добро ТВ кулинарско шоу потребно е да имаш добар тим. Целата екипа која работи на мојот проект секоја емисија се труди да ја направи најдобро што може. Што се однесува до мене, јас се обидувам да ги поедноставам рецептите најмногу што можам за да бидат поприфатливи и на оние кои не се особено вешти во кујната и сето тоа „зачинето“ со некоја интересна приказна која го дополнува јадењето. А, можеби тајната на успехот е во брковите. Можеби најдобро е да не знаеме што е тајната формула, бидејќи така нема да биде повеќе тајна.

Во моментов оди третата сезона од Гастрономад. Кој е најзабавниот и секако најтешкиот дел при подготовките на оваа емисија?
Најзабавно е секако кога ќе завршиме кое јадење кое уште при неговото приготвување им отвора апетит на цела екипа која одвај го чека последниот кадар. Потоа почнува гозбата. Најтешко е кога безброј пати некои непредвидени работи ни го прекинуваат снимањето. Тогаш концентрацијата ни паѓа, ни се чини дека снимањето нема крај. Но, она што ме радува е што таквите ситуации никогаш не влијаат на финалниот производ. Се случува понекогаш во монтажа да прегледам некоја емисија која треба да оди во етер и да се изненадам од одличниот продукт, а знам дека снимањето имавме многу баксузни ситуации.

Имате ли обичај да гледате ваков тип на шоуа? Чија работа посебно ви се допаѓа? Можеби на Џејми Оливер, Бoурден, Рудолф…
Ги гледам кога ми се чини дека можам да добијам некоја нова идеја и чисто за да видам дали сме на ниво на задачата. Тешко е да се спореди западната продукција на кулинарски емисии со она што ние го работиме, но мислам дека не заостануваме премногу, а дури сметам дека и во некои сегменти сме подобри. Антони Боурден прави емисии како јас би сакал да работам и последниве две години се обидуваме да направиме нешто во врска со тоа. Снимавме во Израел и Турска, а оваа гоидна го посетивме југот на Србија и собравме неколку автентични рецепти. Во план се и некои нови патувања кои кој знае кај ќе не однесат.

Неодамна го издадовте и вашиот специјализиран кувар. Очигледно го следите трендот на познатите ТВ водители кои покрај кулинарско шоу речиси секогаш издаваат и печатена верзија. Колку сте задоволни од продажбата и од реакциите на читателите?
Кога го смислувавме концептот на книгата решивме да направиме кулинар на кој ќе бидеме горди на него каде и да се појавиме. И така излезе. Конечниот резултата е книга која иако е малку поскапа од останатите, собра многу пофалби кои ни отворија многу врати. Во суштина книгите траат засекогаш, а ТВ емисиите не баш. Во моментов е во продажба вториот тираж, така што можам да кажам дека сум прилично задоволен од тоа како книгата е сработена и како се продава.

Кога би направиле брзо пребарување низ вашата глава, имате ли претстава барем отприлика колку рецепти знаете напамет?
Не знам ниту еден и не се трудам да ги запаметам. Премногу работи ме интересираат во животот за да можам сите да ги запаметам. За тоа служи компјутерот.

Гастрономад

Дали некогаш сте размислувале за отворање на ваш ресторан и кога тоа би се случило кои би биле трите главни специјалитети на куќата?
Не сакам да отворам ресторан бидејќи тоа не е начин на кој сакам да се занимавам со кулинарството. Во моментов подготвувам еден мал простор кое ќе биде моето кулинарско атеље. Таму на раат ќе можам да ги испробам сите нови рецепти и да ги модификувам старите. А, кога ќе бидам задоволен со резултатите ќе ги повикам и пријателите на дегустација. Тоа е она што во моментов го окупира моето внимание и се радувам што на тој начин можам да се занимавам со готвењето. Да се биде сопственик на ресторан на прв поглед е убаво, но позади кулисите треба да се ангажираш за многу работи кои немаат врска со кулинарството. Сите тие работи бараат повеќе време од она што е најважно, а тоа е вкусот на храната.

Што знаете од традиционална македонска кујна, дали досега сте спремале нешто типично македонски?
Мислам дека не сум подготвувал. За жал за македонската кујна не знам баш многу.

На гости во Македонија што би сакале прво да ве послужат?
Тоа секогаш го оставам на домаќините тие да изберат. Знам дека би сакал да пробам некој добар домашен кашкавал или сирење.

Што би им порачале на гледачите во Македонија кои верувајте внимателно ја следата вашата емисија, која според нашите сознанија прилично им се допаѓа?
Ги поздравувам сите и се надевам дека со мојата екипа ќе имам прилика да ја посетам Македонија и подобро да се запознам со вашата традиционална кујна.