Она што природата ни го дава е вистинско здравје. Во последно време современите нутриционисти обрнуваат големо внимание на никулците. Зошто? Па затоа што тие се необично богати со витамини, минерали, ензими, ферменти, растителни влакна. Не е чудо што велат – таму каде штотуку почнува нов живот, моќта на природата се концентрирала за да може од тоа мало ситно `ркулче да израсне големо растение. Очигледно, тие се извор на неверојатна сила за растението, а тоа значи и за човекот.

Дали можете да си замислите храна со нула калории и 100 % корист? Токму така, нула калории и 100 % корист. Тоа се никулците или `ркулците. Што се тоа никулци? Верувам дека одговорот на ова прашање ви е веќе познат, но дозволете ми да кажам само неколку збора за нив. Според речникот на македонскиот јазик никулец е стебленцето на растението во самиот почеток на појавувањето од семето или од коренот. Сега е јасно зошто никулец се смета за симбол на почеток на некоја појава која што понатаму се развива и прераснува во нешто големо и значајно.

За вредноста на никулците се знаело одамна. Античките Египќани биле првите кои научиле како прво да ги добијат пченичните никулци, а потоа и да ги користат во својата исхрана. Кинезите ги совладале земјоделските техники за одгледување на ориз уште во третиот милениум п.н.е., но исто така почнале да ги употребуваат и никулците од ориз како храна. `Ртењето на различни семиња, житарки, мешункасти плодови и ореви како храна било познато не само во Кина, туку и во Индија, Тибет, и Египет, и тоа со илјадници години наназад. Никулците претставувале главен извор на витамини не само во зимскиот период туку и за време на долгите патувања. Грчкиот лекар Хипократ ги препорачувал пченичните никулци во исхраната на своите пациенти. За нив знаеле и нашите предци, Словените, но и други народи. Нов налет на интерес за никулците воопшто, започнува во средината на 20-от век откако, во 1949 година, Махатма Ганди, поборник на природна исхрана, ја издал својата книга „Диета и реформи на диетата“. На сопствен пример, тој покажал дека никулците вклучени во прехраната ја подобруваат менталната и физичката сила на човекот.

Никулците се вбројуваат во жива храна. Во исто време тие се, би рекле, еколошка или органска храна, затоа што сами си ги растеме, без пестициди и ѓубрива. Потребен е мал напор и само за неколку дена имаме доволно количество квалитетен додаток кон храната. Никулците подмадуваат, не полнат со многу енергија, ни испорачуваат многу ензими, лесно сварливи витамини и минерали и други хранливи продукти.

Се поставува прашањето: од кои семиња може да се израстат никулци, кои потоа можат да се употребат во исхраната?

Одговорот е едноставен. Скоро од секое семе, под услов тоа семе да е соодветно. Семето наменето за `ртење не смее да се набавува во земјоделските продавница (аптеки). Обично, семињата кои се продаваат во семенарите или земјоделскте аптеки се сушат на температура повисока од 40 – 45 C и хемиски се третирани против разни болести. Овие семиња не се погодни за `ртење! Навистина, и тоа семе ќе никне, но овие семиња не се за исхрана, бидејќи во повеќето случаи тие се обработени со различни, можеби и хемиски препарати, кои секако се штетни за човечкиот организам. Семиња за `ртење треба да се набават во специјализирани продавници или во продавниците за здрава исхрана. Јас лично, некои ги купувам токму од таму, а некои ги купувам на пазар од селаните (ако ми потврдат дека сами го имаат собирано семето). Овие семиња не се третирани. Семињата, исто така имаат рок на траење, и со тек на времето, колку подолго се чуваат толку е поверојатно дел од нив да не из`ртат. Затоа, бидете внимателни при купувањето на семе за `ртење, односно внимавајте на потеклото на семето и купувајте во помали количини, за да не го чувате долго време.

Особено популарни за ‘ртење, барем според она што може да се најде во литературата, се пченицата, леќата, семките од тиква, сончогледот, сојата, сусамот, ротквиците, интегралниот (кафен) ориз,’ ржта, просото, пченката, грашокот, јачменот, бадемите, лешниците, хељдата, луцерката, руколата, синапот, лененото семе, а велат дека може да се `ртат и кимот, афионот, целерот и многу други. Во исхраната се корисни како никулците, така и младите израснати стебленца.

Која е ползата од никулците?

Придобивките од конзумирањето на никулци се состојат во тоа што тие го активираат имунолошкиот систем на организмот, го подобруваат метаболизмот, ја подобруваат крвта, варењето на храната, а со тоа ги спречуваат настинките, разните воспаленија, го подмладуваат телото, ги спречуваат разновидните тумори. Никулците содржат многу хранливи состојки кои лесно се варат во организмот, а со тоа придонесуваат за зголемување на телесната енергија, зголемување на ефикасноста, подобрување на кожата, косата, ноктите и забите но и го прочистуваат телото од токсините. Од памтивек, никулците од житните зрна се користеле во козметиката. Сопругите на фараоните и императорите правеле маски за лице во чиј составот влегувале никулците од житарките, токму за да си ја зачуваат убавината.

Кои се причините за ваквото позитивно дејство на никуците?

Познат е фактот дека секое суво семе содржи разни, т.н. инхибитори на ферментите кои го штитат семето од предвремено ‘ртење. Меѓутоа, кога семето ќе се најде во влажна и топла средина, овие инхибитори се разложуваат, а тоа значи дека ферментите почнуваат да се активираат, односно почнуваат да ги разложуваат протеините, мастите и јаглехидратите (присутни во семето) на попрости компоненти, при што се ослободува затворената енергијата во семето и семето почнува да никне. Во текот на `ртењето во семето неколку пати се зголемува содржината на растителните влакна, антиоксидансите, витамините, особено витамините В, D, А, PP и почнува да се синтетизира витаминот С, кој, инаку, отсуствува во сувото семе. Исто така е интересно да се спомене дека дури и кога се чуваат во ладилник, неколку дена, никулците продолжуваат да растат, навистина бавно, но при тоа се збогатуваат со витамини. Спротивно на ова, зрелите плодови, со долго чување, дури и во ладилник, почнуваат да ги губат своите корисни својства, на пример витамините и есенцијалните масла.

Доколку саката да дознаете повеќе нешта за никулците, кликете на следните линкови:

Видови на никулци
– Правила и начин на растење на никулци
Зошто, како и кога треба да се конзумираат никулците?