Да бидам искрена, ова е еден од наједноставните и најефективни начини за новогодишно украсување на дворот/терасата. Се што ви треба е една (поголемка) машна, а остатокот од реквизитите сигурно го имате по дома. Значи вака: прво земете модла (можете да искористите модла со било каква големина). Потоа наполнете ја со вода (немојте докрај – сепак ви треба само украс, а не ладно оружје :)). Потоа во водата стaвете се што ќе ви се види згодно, а има убава боја: парчиња од морков, лимони, портокали, домати, брусници, гранки од некое зимзелено дрвце, папрат, шишарки……бидете креативни.

На крајот, ставете ја модлата во ладилникот убаво да се замрзне, а потоа само заврзете машна на вашиот новогодишен венец и закачете го за оградата од дворот или терасата. Гарантирано ќе ги оставите без здив вашите соседи, а богами и случајните минувачи!