Новата Година се ближи, а со неа и многу празнични денови кои се неизоставно поврзани со куќа преполна со добра храна и слатки, полнење на чиниите по втор, па и по трет пат, поголема количина на алкохол.

Празничното расположение и вековната традиција за прејадување задолжително резултираат со прејадување, што го оптеретува телото со вишок на енергија (калории), и сето тоа под изговор дека почнуваме со диета веднаш после празниците.

И самите знаете колку е тешко да им се одолее на новогодишните слатки залачиња (кои секогаш ги има во изобилие) и како прославувањето на новата година обично се претвора во долготрајно седење и конзумирање на големи количини на храна која е масна и слатка, а да не ги споменуваме неумерените количини на алкохолни пијалоци.

Во секој случај, таквото прејадување или пребрзо јадење создава напнатост во системот за варење, поради што се пореметува процесот на варење на храната и се зголемува притисокот во желудникот. Овој притисок го отвара долниот мускул на хранопроводникот, што предизвикува враќање на желудочната киселини во хранопроводникот.

А бидејќи за време на празниците прејадувањето е вообичаено за доцните попладневни или вечерни часови, истото може да предизвика киселини, да го поремети сонот, да доведе до зголемување на телесната тежина или до пореметување на подвижноста на цревата (констипација/опстипација). Масната храна и големото количество на слатки го оптеретуваат системот за варење што доведува до желудочни болки и опстипација. Таквата храна потешко се вари, па може да предизвика и болки во стомакот.

И тоа не е се. После таквите прејадувања следува фаза во која чувствуваме тромавост, тежина и надуеност, често придружени со чувство на безволност, самосожалување, па дури и депресија. Често е и чувството на вина.

Стратешко седење покрај полна празнична маса

За да ги избегнете, или барем да ги ублажите можните проблеми, прочитајте ги нашите совети и обидете се да примените барем некои од нив.

  • Зошто би морале да се прејадувате? Ако мислите дека треба да јадете повеќе, тогаш сигурно така и ќе направите, а тоа не му треба на вашето тело. Немојте да се прејадувате само заради тоа што е таков обичајот. Обичаите се менуваат. Празниците би требало да бидат среќни денови, полни со задоволства и уживања, па немојте да дозволите прејадувањето да ве спречи во уживањето.
  • На вашата новогодишна трпеза додадете свежо овошје, зеленчук (многу свежи салати) и јадења од интегрални житарици. 
  • Ограничете го конзумирањето на пржена и масна храна.
  • За време на подготвувањето на јадења од месо, не користете дополнителни маснотии. Пре печење, полевајте го месото со вода, супа или пиво/вино.
  • Немојте да го пропуштите појадокот дента на дочекот со цел да оставите повеќе место за покасно. Со конзумирање на појадокот се стимулира подвижноста на цревата и на тој начин се поттикнува природниот импулс цревата да се празнат 1 час после јадењето.
  • Внимателно со алкохолот. Вашето добро расположение зависи само од вашиот дух. Затоа, помеѓу две чаши алкохол испијте една чаша обична или минерална вода.
  • Избегнувајте пијалоци со кофеин како што се кафето и кока колата. Кофеинот го надразнува желудникот и нервниот систем и доведува до несоница и нервоза.
  • Избегнувајте прејадување доцна навечер и заминување во кревет со полн желудник.
  • Не ги прескокнувајте оброците во подготовката за новогодишната гозба. Претерана глад многу често води кон прејадување. Пред да седнете на празничната трпеза, изедете помал, немасен оброк.
  • Земете помала чинија. На тој начин, дури и ако два пати ја наполните, вкупната количина на храна што ќе ја изедете ќе биде помала.
  • Концентрирајте се на семејството и пријателите, а не на храната. Не морате да јадете и да разговарате во исто време.
  • Внимателно бирајте ја храната. Служете се со повеќе свежи салати и овошје, а месото и слатките нека бидат ограничени.
  • После празничната вечера задолжително прошетајте или организирајте некоја групна активност.
  • Одложете го јадењето на десерт. Ако малку почекате, вашата желба за слатко веројатно ќе се намали или исчезне.
  • Држете се подалеку од храната. Ако сте блиску до неа, веројатноста дека постојано ќе посегнувате по некое залаче е многу голема.
  • Брзо вратете се во вообичаената рутина после празниците. Потребно е да се вратите на вообичаената исхрана или да јадете полесна храна (овошје, зеленчук, вода и незасладен чај) веќе следниот ден после празничната вечера. Намалете компири, ориз, леб и тестенини. Вежбајте, или барем шетајте.
  • Немојте да чувствувате вина. Празниците како Нова Година се толку ретки, што и тоа како потребно да се ужива во нив. Дури и ако претерате со јадење таа една вечер, ветете си себе си дека повеќе нема да се прејадувате и префрлете се на полесна храна веднаш.
  • Слушајте го своето тело. Што почувствувате напнатост во желудникот, треба да престанете со јадење. Ако не сакате да го прескокнете десертот, јадете помалку пред него. Сигурно не треба да останете гладни, но не треба ни да дозволите надуениот желудник да ви го расипе расположението!