Мала пастичерија лоцирана во центарот на Скопје која плени со својот едноставен раскош. Место во кое е тешко да одолееш на слатките мали задоволства кои те мамат да пробаш од се по нешто и да си речеш самиот на себе дека денес не е ден да почнуваш со диета. О ла ла е француски израз кој означува одушевување, ни појасни Ели Пешева, главниот и одговорен виновник што Скопје може да се пофали дека има достојно место за секој вистински хедонист. Со сопственичката Ели и менаџерката Елена се сретнавме токму на местото на злосторот, кое мирисаше на штотуку испечени мафини, од чија арома веднаш ни се отвори апетит. Како што е редот си нарачавме кафе и чоколаден мафин и седнавме да поразговараме. Ова е само дел од приказната која ако сакате да ја дознаете во целина морате да дојдете во О ла ла и да пробате некој од специјалитетите на куќата….

Од каде идејата за приказната наречена О ла ла? Што ве натера да отворите една класична пастичерија со која Скопје доби уште едно слатко, фино место резервирано за правите гурмани?

Ели: Јас сакам да сум пионер во секој сегмент во кој работам, и во новинарството како моја матична професија, и во адвертајзингот како моја определба, и во моето хоби. Типична Водолија со главата во облаци, но со амбициозноста на Лавот. Обожавам слатко, во сите негови форми и некако логично се наредија коцките, прво неформално, а потоа се посериозно да почне животот на нашето слатко ќоше. Името случајно го фрли еден мој колега, кога ги погледна скиците од ентериерот. О ла ла, е француски израз, кој меѓу другото означува одушевување.

Мојот ден е исполнет со милион ангажмани, напнат и стресен, а О ла ла е моето бегство. Во светот на слатките се е шарено, миризливо, вкусно. Го замислував како место за опуштање. Неговата идеа не е да ми донесе огромна заработувачка и куќа покрај море, туку да го исчисти духот, да го рехабилитира умот преку сите сетила, да внесе убава енергија, да сакате да дојдете, да си заминете среќни. Мали радости, во големиот суров свет.

Помина речиси една година од отворањето. Што научивте во меѓувреме? Какви се гастрономските навики на вашите муштерии и што беше најголемиот проблем со креирањето на менито, при изборот на рецепти и нивното усовршување?

Елена: Кога почнувавме, мислевме дека е доволно што сме поразлични од сите други, дека луѓето ќе сакаат да пробаат и француски, италијански, белгиски слатки. Не се излажавме целосно, иако ја потценивме страста во Македонија по чоколадо. Нашите луѓе едноставно се зависни од црното чоколадо, би го додавале врз сите слатки. Многу поретко ќе се охрабрат да влезат на непозната територија на база на кремови со други вкусови или на база на овошје. Во Македонија црното чоколадо е најпопуларно. Но полека го пробиваме вкусот, едноставно затоа што таков ни е односот со нашите верни гости. Им препорачуваме нови производи, нови вкусови, и тие ни веруваат.О ла ла

Мора да ве пофалиме за врвниот избор на состојки за подготовка на се она што го имате на менито. Вкусот е извонреден и префинет. Колку квалитетот на продуктите е пресуден или тајната на успехот се крие и во мајсторијата на вашите слаткари?

Ели: Нема компромис со состојките. Тие се врвни. Го користиме најдоброто во секој сегмент, млеко, јајца, чоколадо, путер. Навистина, производството така е многукратно поскапо, но резултатот е совршен. Целта не ни е да заработиме користејќи состојки во прав и со непознато потекло, туку да создадеме вкус кој нема да го заборавите, кој ќе ве научи да ги препознавате нашите колачиња и на трпезите на вашите пријатели и во рестораните и кафулињата кои се наши партнери.

Кога некој за прв ќе се најде во О ла ла која е вашата препорака што мора да проба? Што е специјалитетот на куќата?

Елена: Брауните со вишна се препознатливи за О ла ла, исто како и тартлетите со чоколадо или со англиски крем и свежо сезонско овошје. Доколку ме прашувате мене лично, мислам дека не би смееле да ја промашите американската пита, која особено “легнува“ во постудените денови или вафлите со сладолед за потоплите.

По што О ла ла се разликува од се останато што се нуди во Скопје? Кои се спецификите и адутите на О ла ла во споредба со останатите слаткари?

Ели: Не се натпреваруваме со никого, сите си имаат свој начин на работа, свој заштитен знак, свои клиенти. Ние сме различни по специфичниот вкус на колачињата, полн со нашите тајни зачини, богатиот мирис кој многумина ги потсетува на кујните на нивните баби и мајки, по домашната атмосфера и пријатниот амбиент. Среќни сме бидејќи имаме голем број верни гости, со дел од нив веќе сме навистина блиски, покрај тоа што персоналот знае, што со што сакаат да комбинираат, ги делиме нивните моменти за паметење, свадби, родендени, бебиња. Дел од нив се чувствуваат толку одомаќинето што ни носат нови рецепти за да ги пробаме или носат домашни колачиња кои сами ги правеле за да добијат мислење за тоа колку се блиску до вкусот на о ла ла. Некои од нашите гости, минуваат часови во нашата слаткарница, како да се во својата канцеларија, тука работат, се чувствуваат пријатно и опуштено. Во одредени делови од денот тука се собираат цели средношколски класови. О ла ла не индустрија, туку емоција.

Какви се навиките, желбите и вкусовите на вашите муштерии? Може ли да се направи профил на еден редовен О ла ла гурман? Кога најчесто доаѓа, што му е омилено, дали покрај колач пие кафе, зема нешто и за носење….

Елена:Не можеме да направиме профил на само еден тип, имаме неколку различни типови на верни гости, бидејќи во О ла ла доаѓаат луѓе од сите старосни групи. Така кај децата на пример, најпопуларен е чоколадниот мус, кај тинејџерите американските палачинки, кај гостите од бизнис секторот, тартовите и брауните, повозрасните редовно земаат парче мус торта или реформ торта. Помладите најчесто нарачуваат достава до дома, повозрасните сами доаѓаат и си земаат за носење, сакаат да помуабетат со персоналот, да се распрашаат за составот.

На менито доминираат слатките. Дали планирате да ја зголемите понудата на солени рецепти или останувате на она што во моментов може да проба? Можеби планирате и нови слатки мали задоволства на менито?

Елена: О ла ла е пред се слаткарница, слатките се нашиот приоритет, но и соленото не е исклучено, имаме киш, солени мафини во неколку варијанти, солени палачинки и француски тостови. Многу скоро ќе имаме и италијански сендвичи. Постојано испробуваме нови рецепти, но процесот на одобрување мора да помине неколку нивоа, мора да го одобрат, нашите партнери, родители, нашите деца, некои од најблиските пријатели. Мора да го адаптираме на вкусот на пазарот, да ја прилагодиме цената. Бидејќи убаво е да имаме врвни француски колачиња, но доколку мнозинството луѓе не можат да си ги дозволат, која би била поентата?

Нудите и кетеринг услуга, а од неодамна и испорака од оние сладокусци кои не се во можност да дојдат до ГТЦ. Колку сте задоволни од интересот на клиентите да порачаат поголема количина колачиња за прослава и од желбата на гурманите да добијат пакетче на врата?

Елена: Како и за се, потребно е време луѓето да научат за нас и нашите производи. Ние не форсираме, трпеливи сме, не брзаме и не сакаме да се наметнуваме. Препораките за О ла ла во најголем дел се од човек на човек, преку нашата страница на фејсбук и нашиот веб сајт, не користиме класичен маркетинг. Пријатно сме изненадени до каде се стигнува убавиот збор за О ла ла, не контактираат луѓе од цела Европа, да нарачаат изненадување колачи или торта за своите драги во Македонија, подготвуваме забави на изненадување, реализираме сложени невестински замисли и откачени роденденски подароци. Со задоволство ги чекаме сите нови предизвици.

Што може да се очекува следно од О ла ла? Некаква нова услуга, новитети, а зошто не и плус уште на една локација?

Ели: Планираме да го прославиме нашиот прв роденден, да кажеме “фала“ на сите кои не поддржуваат, на сите кои ја сакаат О ла ла, на сите кои ни верувале и ни оставиле да ги организираме слатките моменти на нивните прослави. Новина е што од оваа недела со нашите колачиња можете да ги пречекате или испратите вашите најмили на скопскиот аеродром и тамошната кафетерија, да ги најдете во познатата Дебар Маалска сендвичара, Пепер и наскоро уште на неколку други познати места во Скопје. За нова локација, не ни се брза, сега за сега сме дома во ГТЦ.

[sws_scrollable_basic columns=”4″] [/sws_scrollable_basic]