Новинар, уредник во 24 Вести и колумнист во Утрински Весник. Огнен Јанески, човек со екстра радиофоничен глас и голем гурман. Родум е од Прилеп, па логично беше да го започнеме нашиот гурмански муабет токму од неговите омилени домашни локални специјалитети.

„Има едно јадење, коешто е во Прилеп за прв пат направено, а е од поново време, а сепак ми е меѓу омилените, а тоа е лиснатиот ѓеврек, полнет со кашкавал и шунка. Морам да каснам такво нешто, кога си одам дома. Исто како и пица-зелникот, кој ја натерав и мајка ми да почне да ми го прави дома. Кога веќе ја спомнувам мајка ми, морам да кажам дека сум си вљубеник во нејзиното јадење (како и повеќето синови веројатно). Без нејзините вегетаријански полнети пиперки, ќофте-јанијата, како и месените нешта не можам да преживеам“ објаснува Огнен.

Што се однесува до тоа кој е најпознатиот прилепски специјалитет тој без размислување го споменува ширденот. Како што вели тешко јадење, комплицирано за правење. Негов совет е да го пробате оригиналниот прилепски ширден исклучиво во зима, лето препорачува да одберете нешто полесно.
Поради неговите новинарски обврски, Огнен тешко успева да ги организира оброците. Често му се случува да прерипнува оброци, да јаде брза храна. Областа во која ми се наоѓа телевизијата, не му дава никаков избор, освен брза храна, или готови, спакувани сендвичи од автомат. Така што, појадокот најчесто му се сведува на тост, само со кашкавал. Иако идеален појадок за него се житарките, со банана, кафе и многу вода по станувањето од спиење, која му го разработува и гласот за работа во текот на денот.

На прашањето дали Огнен е еден од оние современи мажи кои не знаат да готват, тој вели дека е крајно време да се разбие тој стереотип. „Додека сум дома, мене само в кујна може и да ме најдете. Или ќе ме видите како мијам садови (што ми е најголема психо-терапија), а секако како готвам. Поради немањето многу време, најчесто готвам полуготови јадења, но, кога имам повеќе време, се посветувам особено на десерти. Меѓу пријателите сум познат по мојот „Чоколаден шпански куглоф со јогурт“. Освен десерти, сакам да подготвувам и предјадења, додека, пак, главните јадења ми се досадни за правење, оти многу се чекаат, освен ако не станува збор за тестенина (во секаква варијанта) или зрнеста храна (леќа, грашок и грав), кои редовно ги готвам дома. Во ретки случаи, знам да замесам нешто. Но, тоа ретко,„ вели Огнен.

Кога оди на пазарување во маркет никогаш не заминува без млеко, пикантен кечап и многу зачини без кои не може да го замисли ниедно јадење. „Чили, кари, сусам, оригано, буковец, шафран, рузмарин, босилок, нане… и последниот што го „открив“ – куркума, ми се потребни за „преживување“, додава тој.

Неговиот најголем специјалитет кој ни се пофали дека ќе ни го приготви е лута паста која ја прави до совршенство, но за неа мора да се има добар желудник бидејќи има многу зачини.
„Ќе кажев за малку за куглофот што го спомнав погоре, но, се потсетив на два наврата, кога поради застарениот калап, направив бомбици од загореното тесто, наместо куглоф (кои патем, беа превкусни).

Најголем гастрономски порок му се месените јадење. „Не дај Боже, да ми извадите МЕСЕНО на маса! Отиде се по ѓаволите. Ќе го снема за рекордно време. Немам срам, каде и да сум, а да видам на маса месено, особено кифли, само со сусам, без сирење, да ги изедам сите. Во којзнае колку наврати досега ме има болено стомак од прејадување, но, тоа е. Порок си е порок – па, макар и гастрономски.„

Кога во некој прилика би отворил сопствен ресторан Огнен би го крстил „Куќа на слатките нешта“. На менито би ми биле, сите прекрасни слатки работи, кои произлегле како резултат при грешно подготвени рецепти. „Поубаво од згрешено благо – нема. А за специјалитетот, секако дека би ми бил куглофот, но, во многу поекстремно чоколадна верзија.

Омилена пијалaк?
– Безалкохолни: Нескафе, Кока-Кола, Вода ; Алкохолни: Мартини, Јегермајстер, Пелинковац и бело вино
Oмилена салата?
– Овошна. Сериозен сум, не јадам салати од зеленчук.
Омилен десерт?
– Има едно француско десертче, кое го има во Скопје, а е направено со 90% чоколадо и какао во тестото, во какао-правта, во обвивката – во се’! Тоа колаче го порамнувам со оргазмот.
Омилен ресторан?
– Кинески ресторан.

Омилено дневно мени
Појадок: Ако имам време: житарки, банана, вода и нескафе. Ако немам: Тост, само со кашкавал.
Ручек:Некоја зрнеста храна: леќа или грашок. Може и нешто лиснато, но, многу ретко ручекот ми е обилен оброк.
Вечера:Ова ми е најобилниот оброк (што е сосема погрешно за организмот). Секогаш вклучува тестенини со расни сосови и многу, мнооогу зачини. Најчесто тоа се макарони со „триста чуда“ во нив.