Ориганото (Origanum vulgare) е зачинско растение кое и припаѓа на фамилијата Lamiaceae (нане). Води потекло од топлите западни и југозападни делови на Евроазија и Медитеранот. Иако е едно од најчесто користените зачински растенија денес во светот, сепак најмногу се користи во Италијанската и Грчката кујна. Интересен е податокот дека во Америка овој зачин бил донесен дури по Втората Светска Војна, кога војниците ја донеле манијата за пици, но затоа пак, во периодот помеѓу 1948 и 1956 продажбата на оригано во Америка се зголемила за неверојатни 5200 проценти!!!

Она што се користи од ориганото се неговите лисја кои имаат ароматичен, топол, дури по малку и горчлив вкус. Ориганото е едно од ретките растенија кое има поголема ароматичност ако е исушено, отколку ако е свежо, но може да се користи и свежо и замрзнато (се замрзнува исто како босилек и копар). Ориганото со добар квалитет може да биде толку јако да предизвика закоченост на јазикот во буквална смисла на зборот, но сепак, неговата ароматичност многу зависи од климата и составот на почвата во која се одгледува.

Без разлика дали се користи свежо, исушено или замрзнато, ориганото е зачин со кој лесно може да се претера, па затоа внимателно треба да го употребувате, особено ако измислувате свои рецептчиња. Одлично оди со сосови на база на домати, јагнешко месо, печено пилешко месо, свежи салати,  јадења со зеленчуци од типот на брокули, карфиол, тиквички, и секако на било која пица, а неретко месарите го употребуваат како додаток во производството на кобасици. Ако случајно ви се наоѓаат неколку гранчиња свежо оригано, ставете ги во шише со маслиново масло и оставете го да отстои неколку дена. Се добива прекрасно ароматизирано масло што е совршено за било која свежа салата, тестенини или други јадења.

Може да се комбинира со голем број на зачини, но најдобро одговара со лукче, магдонос, жалфија, мајчина душичка, црн пипер и босилек.