Секој нов почеток е и можност за решавање на заостанатите проблеми и прашања што не мачат. Токму овој период на нова работна сезона по завршувањето на одморите и тропските температури кои ни беа секојдневен придружник во последните неколку месеци, е идеална можност да донесете некои нови одлуки како на пример да започнете со редовни физички активности и вежби, но и да направите детоксикација на организмот.

Чистењето на организмот од отрови и други штетни материи им било познато уште на старите цивилизации, кои пак од друга страна, конзумирале далеку подобра и почиста храна од оваа што ние ја конзумираме денес, а да не ги заборавиме и другите придружни елементи на нашиот секојдневен живот како што се постојаното брзање, лошиот воздух, и секако – стресот.

Постојат неколку методи за чистење на организмот. Сите тие се, во суштина, подеднакво делотворни, а можете да изберете било која од нив, па дури и да ги комбинирате.

1. Сауна

Сауната е една од најстарите методи за детоксификација. Потекнува од северните краеви на Европа: Данска, Финска, Шведска, Норвешка и Русија, а е позната веќе со векови. Сауната помага во чистењето и подмладувањето на кожата, за ослободување од стрес, за уништување на патогените клетки во организмот, ја подобрува еластичноста на артериите, го намалува високит притисок, помага кај срцевите и кожните заболувања, а преку зголеменото потење се ослободувате и од отровите во организмот.

2. Диета

Еден од најчесто користените начини за детоксификација е диеталната исхрана. Диетите за прочистување можат да бидат различни – од конзумирање на само една намирница која го поттикнува излачувањето на штетните материи, па се до пиење на чаеви кои исто така во поттикнуваат излачувањето и го помагаат чистењето на организмот.

За детокс диета најчесто се избираат намирници како зелката и одредени овошја како јаболки, крушки, па дури и ананас. Диетата се надополнува со различни свежи салати, но и со целер, брокула, цвекло, тиквички, карфиол, прокељ и кељ.

Поентата на детоксификација преку исхраната е намален внес на храна, потполно исфрлување на масната, зачинета, слатка и пржена храна од менито, но со умерено внесување на грав и грашок, интегрален ориз, пченка, разни семиња. Ова значи дека не се работи само за избегнување на хамбургерите. Не правете запршки за јадењата, користете само маслиново масло, заборавете на чипсот и мајонезот. Млечните производи се исто така забранети за време на детоксификацијата.

3. Внес на течности

Се работи за зголемено конзумирање на чаеви и вода, како и на природни сокови, без додаток на конзерванси и шеќери. Нутриционистите препорачуваат наутро да се напиете по една чаша млака вода со малку лимонов сок, без шеќер, за подобра пробава. Зелениот и белиот чај, како и чајот од корен на бел слез се идеални за чистење на организмот. Во текот на денот, освен обична вода, пијте и природни сокови кои можете да ги купите готови или пак да ги направите во домашниот соковник. И не се ограничувајте само на овошје во овој случај. Додадете и цвекло, морков, краставица, па дури и малку нане за вкус.

4. Постење

Најдрастичната и, за некои, најтешката форма на детоксификација е постењето. Иако е познато во многу религии, постењето има друго значење, освен верското, а тоа е потполно чистење на организмот со воздржување од одредени типови на храна. Во периодот на пост, кој не би требало да трае подолго од еден ден, се препорачува конзумирање на барем 2,5 литри обична вода, но и незасладен чај од коприва, зелен чај, па и други мешавини од тревки.

Мораме да споменеме и дека постот не се препорачува на секого, особено не на болни лица, трудници и доилки, како и луѓе кои имаат проблеми со бубрезите, желудникот и слично. И не заборавајте дека треба да се консултирате со својот лекар пред почетокот на било каква диета, вклучувајќи го тука и постењето.