Колку често рендате моркови? Сакам да речам, колку често се мачите? Бидејќи ми се чини дека рендањето моркови ми е една од најмачните работи во кујната. Што да ви кажам, раката ме боли после само две морковчиња! А ги рендам пустите за во супи  (иначе домашниве не ми ги јадат, ако се на парчиња), за во манџи (пак за да не се примети дека ги има), а салатите да не ги ни спомнувам….

Затоа, сигурна сум дека можете да си замислите колку ми олесна на душичкава кога разбрав дека веќе не било во тренд да се рендаат морковите! Сега се “острат“, и тоа со специјална морково-острилка! Да не веруваш што ќе им истекне на луѓево. Ама, поентата на муабетов е дека ова работи. Прво, полесно е да ги остриш него да ги рендаш. Второ, на децава им е интересно, па бараат дури и сами да го прават тоа, а после, замислете, ги јадат морковите без бунење. Е трето, треба малку да ги бираш морковите бидејќи не секоја големина пасува, ама таа мака е занемарлива во споредба со придобивките. И четврто, еве каде можете да си ја купите оваа морково-острилка! Петто, не сум и нашла сеуште и некоја друга примена, ама ќе му ја смислам некако, па ќе ви јавам што уште може да се “остри“!