Оваа година компанијата LG ги промовираше новите “паметни“ куќни апарати меѓу кои се најдоа неколку модели на фрижидери, печки и машини за перење садови. Моделот на фрижидер со која компанијата особено се гордее има многу функции кои можат да бидат контролирани со помош на мобилен телефон, преку допир на специјален екран кој е вграден во фрижидерот, или со помош на глас. Фрижидерот знае точно какви продукти се чуваат во него, каде се сместени и колку им е рокот на траење, а доколку рокот на некој производ е надминат, фрижидерот веднаш ве алармира.

Во фрижидерот е вграден и т.н. “health manager”, кој може да ви предложи рецепти врз основа на продуктите кои ги има внатре, но и врз основа на личните профили на секој поединечен член на семејството. Компанијата вели дека при предлагањето на дневно или неделно мени, фрижидерот води сметка за годините, полот, телесната тежина и индексот на телесната маса на секој поединец.

Фрижидерот исто така може да прави нарачки за одредни продукти кои ги нема, а може и да “разговара“ со новата паметна печка на LG, така што, ако изберете некој од рецептите кои ги предлага фрижидерот, нема потреба да ја подесувате рерната или ринглата. Фрижидерот автоматски ќе и каже на печката како и колку да го приготвува јадењето.

Компанијата презентираше и посебен модел на фрижидер, за кој верувам дека кај нас ќе има повеќе интерес кога ќе пристигне во нашите маркети….некаде за 10-тина години. Се работи за моделот “blast chiller”, кој е во состојба да олади пиво до точка на заледување за само неколку минути. Е мора да признаете дека такво нешто навистина би било добро да се има по дома, особено при вакви температури.