Традицијата на употреба на печурките во исхраната и при лечењето на различни видови на заболувања е стара илјадници години. Најстарата позната печурка е Ganoderma Lucidum  која во Јапонија ја нарекуваат и “печурка на бесмртноста“. Во старо време, печурките во Јапонија вределе исто колку и сребро, а во Египет конзумацијата на печурки била исклучива привилегија на благородништвото.

Иако хранливите и лековитите својства на печурките се дел од скоро сите традиционални медицини и кујни, во последно време се повеќе внимание се посветува на печурките и на истражување на нивното значење за здравјето. Од посебно голем интерес се некои скорешни истражувања кои потврдиле дека печурките се многу делотворни во борбата против вируси и други заболувања.

Што содржат печурките

Печурките се богати со многу биолошки активни материи како фитостерол, бетулинска киселина, полисахариди, бета глукен, меланин, сапонин, ланостерол и други. Содржат и нутриенти како магнезиум, хорм, железо и витамини од групата Б. Имаат и големо количество на витамин Д – витамин кој според најновите истражувања игра важна улога во работата на имунолошкиот систем и во заштитата од карциноми.

Бетулинската киселина, на пример, заедно со бета глукенот, се врзува за карцином клетките и му го олеснува на организмот нивното препознавање и уништување. Освен тоа, бетулинската киселина, заедно со ензимот каспаза 3, ги уништуваат протеините во карцином клетките и ја поттикнуваат нивната апоптоза (смрт). Токму поради ова, од лековитите печурки се произведуваат голем број на препарати за борба против злокобните болести како ракот, а од нив се екстрахира и бета глукенот кој претставува активна материја позната по своето делување на инунолошкиот систем.

Лековитите печурки помагаат и во лечењето на кардиоваскуларните болести. На пример, раиши печурката е позната како исклучително добар сојузник во борбата против болестите на срцето, мозочните удари и високиот крвен притисок. Во едно испитување на луѓе кои страдале од висок крвен притисок, а чиј организам не реагирал на стандардната медицинска терапија, се покажало дека со конзумирање на оваа печурка три пати во денот во текот на еден месец, тие успеале значително да го намалат високиот притисок.

Истражувањата покажале и дека одредени видови на печурки силно делуваат и во борбата против грипот и настинките. Позитивно делуваат и во лечењето на херпеси, ХИВ и хепатитис. Лековитите печурки имаат таканаречено имуномодулаторно дејство. Кога е потребно, тие ја зголемуваат силата на имунитетот, а при негова претерана реакција, го намалуваат имунолошкиот одговор.

Автоимуните болести се јавуваат токму при ваква неправилна реакција на имунолошкиот систем. Кај овие болести, имунолошкиот систем ги препознава сопствените клетки како странци и ги уништува. Затоа, лековитите печурки можат ногу да помогнат во лечењето на автоимуните болести како алергии, лупус, дерматитис, псоријаза и артритис.

Важно е да се спомене и дека лековитото дејство на печурките се зголемува во присутност на витаминот Ц, па затоа се препорачува конзумирање на витаминот Ц заедно со печурките.

Лековитото делување на печурките:

  • го зајакнуваат имунитетот
  • се борат против вируси
  • имаат антивоспалително, антиканцерогено и антибактериско делување
  • помагаат во лечењето на автоимуни болести
  • го подобруваат памтењето и концентрацијата
  • го регулираат нивото на шеќери во крвта
  • ја подобруваат регенерацијата на црниот дроб
  • ги спречуваат болестите на срцето и крвните жили
  • ја подобруваат циркулацијата
  • помагаат во лечењето на артритисот и реумата
  • ја подобруваат сексуалната функција
  • ја подобруваат издржливоста и силата на организмот

Сепак, мораме да споменеме дека шампињоните кои најчесто се користат во нашата исхрана, а можат да се набават скоро во секоја продавница, имаат најмалку нутритивни и други активни материи. Затоа, немојте да се ограничувате само на нив, туку конзумирајте и други видови на печурки секогаш кога имате шанса.