Нашите баби многу вешто користеа се што дава природата за приготвување на многу различни типови на слатка, сокови, желеа. Ова пелте од дуња е нешто што многу ме потсетува на едно од највкусните работи кои мојата баба ги спремаше, па во нејзина чест решив и јас да го приготвам.

Потребен материјал

  • 2-3 кг дуњи
  • 1 кг кисели јаболка
  • шеќер
  • лимонска киселина (лимонтуз)

Начин на работа

Дуњите добро се мијат, се сечат на средни парчиња и се ставаат во поголем сад. Во садот се додаваат и измиените и исечени парчиња јаболка. И на јаболката и на дуњите не треба да им се отстрануваат ниту семките ниту лушпите.

Во тенџерето се додава вода толку колку да го покрие целото овошје. Се става на оган и се вари додека дуњите омекнат. Во зависност од сортата на дуњите, тоа може да трае околу половина час, помалку или повеќе.

За добивање на пелтето потребна е течноста. Течноста од дуњите и јаболката се цеди преку цедалка, а со лажица внимателно да се притискаат за да излезе целата течност. Овошјето се трга настрана (тоа веќе не е потребно) а течноста повторно се цеди но овој пат преку газа или некоја памучна ткаенина за да се отстранат и најситните парченца што евентуално се нашле во течноста. Се добива ретка и прозрачна жолто – црвеникава течност.

Течноста треба да се измери. Ова е важно затоа што во неа се додава шеќер и лимонтуз во зависност од тоа колку течност е добиена. На 1 литар течност се додава 750 г шеќер и  ½ лажичка лимонтуз.

Садот со течноста и шеќерот, се става на огнот и се варат, првин на силен оган, а потоа на слаб се дотогаш додека се добие потребната густина. Лимонтузот се става пред самиот крај.

Најтешка задача е да се утврди колку време треба да се вари течноста за да се добие потребната густина. За таа цел треба да се направат неколку проби. Кога течноста ќе почне да се згуснува, а врие така што се јавуваат тешки клобурци, тоа е знак дека треба да се почне со пробите. Еве една мој совет. Сместете 2-3  бели порцелански чиничиња во ладилник за да се оладат, па кога ќе црпнете од течноста и ја ставите на вака оладено чиниче, тоа веднаш ќе се олади и нема потреба да се чека. Ако се добие капка која се разлева, значи дека течноста се уште е ретка и се продолжува со варење.

Се смета дека пелтето е готово кога капнато на ладното чиниче не се разлева и останува како полутопка. Во тој случај, тенџерето се трга настрана и пелтето се собира во тегли.