Питата со тегнети кори е сигурно за многумина најубава, без сомневање, ама… само еднаш направив таква и иако моите рекоа дека е совршена, сепак повеќе ја сакаат оваа „нашава“ со дебелки кори.:) Ако внимателно ги следите упатствата и сликите, нема шанса да не успеете, само охрабрете се да почнете…
Пита за почетници
By February 21, 2014
Published:Питата со тегнети кори е сигурно за многумина најубава, без сомневање, …
Ingredients
- 700-800 г меко брашно
- 350 мл млака вода (околу)
- 1 рамно наполнета лажица сол
- 1 лажиче шеќер
- 10 г сув квасец
- 3 лажици маслиново масло
- 1 лажица вински оцет
- околу 100 г стопен маргарин
- праз, зелка, сирење, мелено месо (по ваш избор) (фил)
- малку масло за јадење (фил)
- малку сол, црн пипер (фил)
Instructions
1. Ситно исецканиот праз(зелка) пропржете ги на малку масло за јадење. Празот побргу омекнува отколку зелката. Штом е готов, додадете сол и црн пипер во вкус и оставете да се олади. На зелката додајте и малку вода или расолница и оставете долго да крчка.Во длабок сад за месење,ставете ги солта, шеќерот, квасецот, маслото, водата и оцетот, убаво размешајте и почнете да додавате малку по малку од брашното мешајќи притоа со дрвена лажица. Внимавајте: зависно од видот на брашното, ќе биде потребно количество што е отприлика како во рецептот. Затоа немојте одеднаш да го додадете целото подготвено брашно.
2.Откако состојките се измешани,почнете да месите со рака и бидејќи тестото се`уште е лепливо и многу меко, додавајте лажица по лажица од подготвеното брашно,с`е додека не добиете топчеста форма.
3.Од тој момент, продолжете енергично да месите уште точно 20 минути, повремено удирајќи го силно тестото во садот за месење. Колку што повеќе се удира и меси, тестото е толку поубаво изработено. Сметам дека е најдобро тестото да се удри најмалку 50-тина пати. Покријте го тестото со пластична фолија и оставете го покриено да стасува околу 1 час.
4.Стасаното тесто, размесете го нежно на работната површина (наросена со многу малку брашно); од тестото одвојте парен број топченца (на пр. јас правам 4 големи парчиња пита, па тестото го делам на 8 топчиња). Вообичаено,правам 4 помали и 4 малкуцка поголеми топчиња.
5.Земете едно топче од тесто, малку размесете го и од него формирајте поубаво топченце вртејќи го со малку подзатворена дланка на работната површина.
6.Рассукајте го топчето во мал круг (слика6) и премачкајте го со стопен маргарин. На ист начин оформете и едно од помалите топчиња, рассукајте и од него мал круг, поставете го врз претходниот круг и сега развлечете правоаголна коричка малку подолга широчината на садот во кој ќе ја печете питата.
7.Врз вака рассуканата кора, распоредете 3 лажици фил.
8.Преклопете го кон филот левиот, а потоа и десниот страничен крај на кората.
9.Преклопете го долгиот дел од кората, оној што е поблиску до вас.
10.Преклопете го и оддалечениот дел од кората(слика10). Садот за печење премачкајте го со стопен маргарин, па вака подготвената кора, поставете ја во него.
11.Истото повторете го и со преостанатите кори. Одозгора уваво премачкајте со стопен маргарин и оставете да се одморат корите додека да се загрее рерната. Печете на 180 степени додека да се добие златно жолта боја. Веднаш откако садот ќе го извадите од рерната, премачкајте ја питатауште еднаш со маргарин, покријте со хартија и така оставете ја да се лади, без премногу да ја покривате, за да не се „намокри“ од дното на тавата.
- Cuisine: Леб и пецива
- Course: Комбинација
- Skill Level: Едноставна