Големите пости веќе започнаа, а голем број на луѓе секојдневно се соочуваат со прашањето што да се јаде сега. Во недостаток на производи од животинско потекло врз кои повеќето од нас ја базираат својата секојдневна исхрана, составувањето на дневното мени и знае да биде проблем. Не помалку важен е и фактот што постовите обично водат кон пар килограми вишок, што е резултат на замената на протеините од животинско потекло со јаглехидрати. А да не заборавиме дека, после толку воздржување, нема некој што може да им одолее на сармичките, домашните пити, печеното месо, а празничните торти и колачи и да не ги спомнуваме.

Факт е дека денес постојат голем број на посни производи, па затоа постењето и не е толку тешко. Продавниците за здрава храна се полни со различни интегрални стапчиња, плочки, кекси… И кога сме веќе тука, овие производи и не се нискокалорични, односно не се диетални.

Производите од интегрално брашно се поздрави бидејќи содржат повеќе хранливи материи, а содржат и растителни влакна, па побрзо создаваат чувство на ситост, и подолго го одржуваат истото.

Истото се однесува и на јаткастото овошје. Бадемите, лешниците и индиските оревчиња се многу здрави, ама ретко кој се задржува на препорачаните 30 г од ова овошје дневно. Сувото овошје е исто така одличен избор, ама во умерени количини.  Од друга страна, продавниците се преполни и со разно-разни колачиња, бисквитчиња, чоколадциња, бананички и други посни слатки, а воопшто да не го спомнуваме локумот.

И за крај, без разлика дали постите или не, клучот на успехот лежи во умереноста, па дури и кога се во прашање оние најздравите работи. Не е тешко да се запомни ова, нели?