Босилокот (лат. Ocimum basilicum)  е многу мирисна билка, со овални и најчесто зелени листови. Денес во светот постојат околу 60 видови на босилок и сите се различни по изглед и вкус. Расте во различни делови од светот, а првобитно бил одгледуван во тропските делови на Азија. Првиот пишан документ во кој се споменува босилокот е стар околу 5000 години, а потекнува од стариот Египет.

Зборот босилок доаѓа од грчкиот збор басиликон што значи кралски, а го одразува почитувањето на древните култури кон ова растение. Римјаните на пример, го поистоветувале со љубов и верност, а се верувало дека мажот кој ќе прими гранче босилок од некоја жена, засекогаш ќе ја сака таа жена. Во Индија босилокот претставувал симбол за добредојде, а еден од видовите босилок – Ocimum tenuifloru, била користена за лечење на многу болести како на пример дијабетес, астма, импотенција, камења во бубрезите, неплодност и алергија.

Силен антиоксидант

Босилокот е познат по своите силни антиоксидантски својства. Антиоксидантите кои природно ги има во босилокот го штитат телото од оштетувања предизвикани од слободните радикали, го спречуваат стареењето на ќелиите и го спречуваат настанувањето на неколку видови на ракови.

Еден од антиоксидантите кои најмногу ги има во босилокот е бета-каротенот. Тој во телото се претвора во витамин А, ја спречува оксидацијата на холестеролот во крвта и на тој начин ги штити срцето и крвните садови. Оштетувањата предизвикани од слободните радикали во организмот допринесуваат за развој на многу болести, вклучувајќи и астма, остеоартритис и ревматоиден артритис. Бета-каротенот кој се наоѓа во босилокот е одличен начин за превенција на овие болести.

Ги штити срцето и крвните садови

Босилокот е исто така добар извор на витамин Б6 и магнезиум. Витаминот Б6 е важен бидејќи го спречува натрупувањето на потенцијално опасниот хомоцистеин. Иако хомоцистеинот е производ на природни процеси кои се одвиваат во клетките, тој може да ги оштети ѕидовите на крвните садови ако брзо не се претвори во добра молекула која не му штети на организмот, а во тоа претворање витаминот Б6 игра клучна улога.

Магнезиумот го поттикнува здравјето на кардиоваскуларниот систем помагајќи во опуштањето на мускулите и крвните садови. На тој начин се подобрува протокот на крв и се намалува ризикот од неправилен срцев ритам. Магнезиумот исто така го зајакнува срцевиот мускул и делува превентивно против инфаркт.

Природен антибиотик

Истражувањата покажале дека маслото од босилок поволно делува на имунолошкиот систем на човекот. Свежите листови и маслото од босилок имаат антибактериски и антисептички својства, па можат да се користат во лечење на инфекции. Босилокот може да се користи и локално – свежи листови поставени врз рани ги спречуваат бактериските инфекции.

Позитивните ефекти на босилокот

  • силен антиоксидант
  • има антибактериски својства
  • го зајакнува имунолошкиот систем
  • ја спречува оксидацијата на холестеролот
  • го штити срцето и крвните садови
  • помага во борбата против инфекции
  • ги намалува воспаленијата предизвикани од артритис

Босилокот во кујната

Мирисните листови на босилокот се користат во многу кујни и добро се согласуваат со различни видови на јадења. За да го задржите вкусот на босилокот, додадете го во јадењето при крајот на готвењето. Секогаш кога можете користете свеж босилок бидејќи има поинтензивен вкус во однос на сушениот.

Својата слава и препознатливост во кујната, босилокот ја има добиено со светски познатиот Песто Џеновезе, или накратко само Песто, сос направен од босилок, пињоли, маслиново масло и пармезан. Бидејќи кај нас пињолите практично не можат да се набават, можете да го подготвите овој сос со семки од сончоглед.

Од свежо исечканиот босилок, заедно со малку маслиново масло и лук, можете да направите одличен немлечен сос кој добро оди во комбинација со тестенини, ориз или било какви сендвичи.

Од босилокот можете да подготвите и едноставне леден десерт. Измешајте го исечканиот босилок со лимонов сок, малку растопен шеќер и вода, а потоа смесата замрзнете ја како коцки мраз. Кога ќе се замрзнат, издробете ги во блендер, и послужете ги како леден десерт во медитерански стил.

Можете и да направите свежа, вкусна, и шарена салата со свеж босилок, моцарела и свежи домати. Салатата од свеж босилок, домати, малку лукче и маслиново масло е исто така одлична.

На крај, можете од босилокот да направите и чај, на тој начин што исечканите листови од босилок ќе ги прелиете со врела вода, ќе ги оставите да стојат околу 8 минути, а потоа ќе ја процедите смесата.