Откако во 19-тиот водениците за мелење беа заменети со помодерна технологија, луѓето почнаа малку по малку од својата исхрана да ги исклучуваат интегралните житарици и почнаа да конзумираат се повеќе и повеќе рафинирано, бело брашно. А да бидат работите уште полоши, паралелно и полека од иsхраната се исфрлувaни не само нерафинираното брашно од пченица, туку и хељдата, јачменот, овесот што опасно ја нарушува рамнотежата која е потребна за добро здравје.

Во продавниците денес тешко може да се најде леб кој е направен од 100% интегрално брашно. Поголемиот број од производите што се продаваат имаат сооднос 60:40, односно различните брашна се мешааат со белото. Затоа, имајте предвид дека дури и ако купувате црн, пченкарен или ржан леб, кои се секако подобри од белиот, сепак не купувате комплетно интегрален леб. Ова не значи дека не може да се најде 100% интегрален леб, но ќе потрошите многу време и енергија за да го најдете. Затоа, можеби е подобро сами дома да си го подготвувате лебот, што во денешно време и воопшто не е тешко, особено ако имате или си набавите машинка за печење на леб. Ако имате ваква машинка не само што секогаш ќе можете да имате свежо домашно лепче, туку ќе можете во него да додавате и различни продукти за вкус како маслинки, моркови, зачини, различни цели зрна семки и сл.

За разлика од лебот, интегралните пецива донекаде полесно се наоѓаат, иако и тие се најчесто направени само делумно од интегрално брашно. Истото важи и за интегралниот ориз, кој може да се најде во многу варијанти, но за жал голем дел од нив воопшто не се вистински интегрални, туку само неполирани. Заради тоа, ако решите да користите повеќе интегрални производи во својата исхрана, што е секогаш добра одлука, посетете ги специјализираните продавници за здрава храна.

Трендот за повторно враќање кон интегралните житарици воопшто не е лош. Освен што го чуваат нашето здравје, тие помагаат за одржување на подобра линија, го забрзуваат метаболизмот и ја подобруваат работата на цревата, а со тоа го олеснуваат и варењето на храната. Токму во лушпата на житариците која е составен дел од интегралните производи се наоѓаат најмногу влакна, минерали, и витамини од клучна важност за оранизмот. Така, најголемиот број на влакна кои го регулираат метаболизмот на мастите и шеќерите  на тој начин што ја ограничуваат апсорпцијата  на шеќери од другата храна која ја конзумираме, се наоѓаат токму во лушпите на житариците, исто како и витамините од групата Б, витаминот Е, магнезиум, железо, калиум, фосфор, калциум, натриум, манган, цинк и јод.

Клиците кои се отстрануваат со рафинирањето на брашното содржат голем број на антиоксиданти кои не штитат од пропаѓање на ќелиите како резултат на отровите од околината. Нивната употреба е позната во медицината повеќе од 5000 години, а се користеле за лечење на различни болести поврзани со делувањето на слободните радикали. Клиците имаат помалку калории од семињата, а се побогати со протеини, витамини (особено Ц) и минерали. Можат да се најдат како посебен продукт во продавниците за здрава храна, но ако ги купувате вака, особено внимавајте да бидат свежи.

Да не заборавиме дека интегралните житарици ни даваат чувство на ситост и имаат низок гликемиски индекс. Богати се со аминокиселини кои учествуваат во растворањето на холестеролот благодарејќи на линолинската киселина и лецитинот.Во суштина, интегралните житарици генерално делуваат на здравјето на целиот организам. Тие обилуваат со влакна кои се неопходно потребни за системот за варење да функционира како што треба.

Можеби ќе ви треба малку време да се навикнете на вкусот на интегралните производи, но верувајте, маката и тоа како ќе ви се исплати. На крајот на краиштата, имајте предвид дека не за џабе се вели дека рафинираните, бели производи се предизвикувачи на многу болести карактеристични за 20-тиот и 21-от век.