Алуминиумска фолија, проѕирна фолија, различни тегли и тегличиња, пластични садови со  и без капак …. и уште многу други работи кои се шеткаат и плеткаат низ кујната. Од друга страна пак, различните видови на храна бараат поинакво складирање и чување, што значи дека сите овие работи кои ги спомнавме погоре се и тоа како потребни.

Иако е општо познато дека храната е најдобро да се искористи свежа или во најкраток можен рок по нејзиното приготвување, поради забрзаниот секојдневен ритам со кој денес живееме, складирањето и чувањето на храна е неизбежно.

Меѓутоа, најчесто храната ја складираме во она што ни е при рака, без да размислуваме дали тоа одговара на типот на храна што сакаме да ја зачуваме. Но, бидејќи желбата ни е да го продолжиме, а не да го скратиме рокот на траење на храната, постојат неколку основни правила до кои мора да се придржуваме.

Проѕирната фолија е најсоодветна за чување на овошје, зеленчук, леб и кекси (колачи). Никогаш немојте да ја користите за чување на масни продукти како сирење, кашкавал, млечни сладоледи и сл, бидејќи оваа фолија може да содржи мали количини на соли на поливинилхлорид кои се растворливи во масло и можат да ја контаминираат храната.

Кашкавалите завиткајте ги во памучна салветка за да овозможите струење на воздухот. Путерот и крем сирењата обложете ги со масна хартија (за печење), а потоа завиткајте ги во алуминиумска фолија.

Киселите продукти како сос од домати, риба зачинета со лимонов сок, шумско овошје или многу солените продукти не смеат да се чуваат во алуминиумски садови. Киселината и солта во комбинаци предизвикуваат корозија на алуминиумот кој тогаш преминува директно во храната. За ваквите продукти најдобро е да се користат стаклени или огноотпорни садови, а можете да употребите и пластични садови кои се отпорни на ниски температури.

Киселите продукти немојте да ги чувате ни во керамички садови, бидејќи можат да ги апсорбираат тешките метали од лакот (како олово и кадмиум) со кој е премачкана керамиката.

Алуминиумската фолија е добар избор за спречување на оксидација. Можеби не сте знаеле дека, ако го завиткате шишето со маслиново масло со алуминиумска фолија, ќе му го продолжите векот на траење.

Хартиените ќесички се супер за чување на салати и леб бидејќи ја задржуваат влажноста, па лебот на пример, нема да се исуши, туку ќе остане мек, а масната хартија ја чува површината на сладоледот од кристализација, па затоа е добро наместо со капак, садот со сладолед да го затворите добро со масна хартија (за печење).

Се надеваме дека некои од овие совети ќе ви помогнат во кујната, и дека освен за зачувувањето на продуктите, ќе придонесат и за зачувување на вашето здравје.