Главниот проблем поврзан со новогодишните празници традиционално е додавањето на неколку килограми плус. Ви даваме неколку совети како да го избегнете ова.

Новогодишните празници се време кога се посветуваме на семејството и кога можеме да го направиме она за кое долго не сме имале прилика во текот на годината. Меѓутоа, иако празниците се време на одмор и уживање, тие сепак носат и проблемчиња кои најчесто се манифестираат преку додавањето на неколку килограми плус, благодарејќи на тешката и богата новогодишна трпеза. Каде и да одите, секаде ќе ве дочека големо купче на вкусна храна. Затоа, ако сакате барем малку да го намалите ризикот од додавање на килограми и да ги протуркате празниците без потоа да ве мачи грижа на совест, погледнете ги нашите совети и обидете се да ги примените.

Пробајте нова храна

Ова е најдоброто време во годината за експериментирање, па затоа тргнете ги настрана традиционалните продукти и пробајте нешто ново. Поминете малку повеќе време покрај тезгите и полиците во маркетите со свежо овошје и зеленчук. Пробајте манго, авокадо или црвен портокал. Наместо зелена салата земете кинеска или црвена. Целта е да пробате нешто ново или нешто што одамна не сте го јаделе. Создадете навика да купите свежо овошје или зеленчук секогаш кога одите во шопинг, и пробајте го штом стигнете дома.

Намалете ги порциите

Здравиот разум ви кажува дека помалку активности (се одмараме за време на празниците) бараат помалку храна, а не обратно. Затоа внимавајте на порциите храна кои ги конзумирате. Како мерка можете да ја користите раката. Притоа, големината на порцијата протеини (месо) треба да биде колку вашата дланка, а големината на порциите јаглехидрати и овошје колку вашата шака. Најголемиот дел од порцијата треба да биде зеленчукот кој ве заситува, ви дава многу корисни витамини и минерали, а има малку калории.

Немојте да дехидрирате

Ова звучи едноставно, но често забораваме да пиеме доволно течности за време на ладните месеци. Фокусирајте се на пиење на доволно вода и чаеви, а не заборавајте на секојдневниот внес на свежо овошје и зеленчук.

Ограничете го алкохолот и другите високо-калорични пијалоци

Нема ништо лошо во шише или кригла пиво, чаша вино или ракија, но не заборавајте дека овие пијалоци содржат многу калории. Ограничете ја конзумацијата на ваквите пијалоци на една до две чаши.

Грицките знаат да бидат опасни

Собиранките за време на празниците се обично пропратени со неконтролирано конзумирање на грицки (чипсови, бадеми, фстаци и сл.). Најдобар начин да го избегнете ова е да изедете нешто малку и лесно дома пред да одите на гости. И обидете се тоа нешто да биде свежо овошје или зеленчук.

Уште еден фантастичен трик е секогаш да имате при рака ментол бомбончиња. Ставете едно такво бомбонче во уста, па после него ништо нема да има добар вкус. А да не спомнуваме и дека здивот секогаш ќе ви биде свеж, па сите ќе уживаат во разговорот со вас.

Ослободете се од преостаната празнична храна

Ако остатоците од новогодишната трпеза не се тука, не можете ни да ги јадете. Затоа, по прославата ослободете се од нив. Не велиме да ги фрлите, тоа никако. Ама печеното месо и слатките, а особено тортите можат многу лесно да се замрзнат. Само ставете ги во пригодни пластични садови или ќесички за замрзнување и свртете се кон помалку калоричните и поздрави продукти.