Ако имате проблеми со доцно ноќно роварење по фрижидерот, што секако се одразува на вашата тежина, многу полесно и поедноставно ќе ја контролирате ситуацијата ако ги имате при рака следниве продукти. Наполнете го фрижидерот со овие 8 здрави намирници и подготвувајте вкусни оброци во секое време без да имате грижа на совест за тоа што и кога сте јаделе.

1. Интегрални тортиљи

Повеќето јаглехидрати кои се наоѓаат во тортиљите се сложени, па не мора да се грижите за зголемување на нивото на шеќерот. Ако ви се јаде нешто солено, изрендајте малку кашкавал или сирење врз тортиљата, замотајте ја во ролна и ставете ја на неколку минути во тостер. Ако пак имате желба за слатко, намачкајте ја тортиљата со малку мед и посипете ја со цимет.

2. Банани

Освен што се слатки и заситуваат, бананите се намирница која е богата со калиум и диетални влакна. Најдобро е да ги јадете само нив, но можете и да ги комбинирате со други намирници: на пример, ставете малку овесни снегулки во подлабок сад и додадете банана пресечена на парчиња.

3. Јајца

Јајцата се полни со протеини, а едно јајце содржи околу 75 калории, иако оваа бројка се менува во зависност од начинот на приготвување. Секогаш имајте при рака барем 10-тина јајца кои можете да ги спремите на многу различни, брзи и едноствани начини.

4. Млеко

Еден литар природен извор на калциум е секогаш добро да се има на лагер, без разлика на тоа за какво млеко станува збор. За само неколку минути можете да си подготвите шолја какао, или да го измешате млекото во блендер со едно или повеќе од вашите омилени овошја.

5. Бадеми

Една шака бадеми е супер здрава замена за разно-разните грицки од типот на чипсови, крекери и други. Освен што можете да ги грицкате, одлични се и во различни пијалоци, како додаток на снегулки или немасни јогурти. Бадемите (а и другите јаткасти плодови) имаат уште една добра карактеристика. Ако ги чувате во фрижидерот, тие ја спречуваат оксидацијата на природните масла (кои содржат штетни слободни радикали).

6. Путер од кикирики

Иако има релативно (и неоправдано) лоша репутација, ако умерено го конзумирате овој продукт, од него ќе имате повеќе корист отколку од обичен путер. Путерот од кикирики е богат со незаситени масни киселини и витамин Б6 кој е одговорен за креирањето на нови ќелии во организмот. Намачкајте го на кришка интегрално лепче, и добивате инстант здрав меѓу-оброк. Инаку, здрава опција се и путерите од бадеми, ореви, индиски ореви и слично, но тие потешко се наоѓаат кај нас.

7. Младо сирење (или урда)

Овој продукт е богат со казеин, протеин кој создава чувство на ситост во подолг период. Само надробете малку свеж зеленчук (по желба), измешајте го со сирењето и добивате одлична и вкусна солена ужинка. Ако пак сакате нешто слатко, издробете или изрендајте го сирењето и помешајте го со бадеми и омилените овошки.

8. Печурки

Полни со оксиданти, печурките се многу хранлива и често занемарена намирница. Без разлика дали повеќе сакате класични шампињони и буковки, или пак ги претпочитате егзотичните шитаке печурки, би требало секогаш да ги имате во фрижидерот. Можете да ги јадете сами, запршени или запечени, а можете и да ги комбинирате во омлет или било кое јадење со месо и зеленчук.