Просото е една од најстарите, но и најздравите житарки. Се одгледува уште од пред 7000 години, а потеклото му е од Азија и Африка. Во дамнешните времиња се сметало за храна на сиромашните, а во Америка и Европа дури и служело како сточна храна, но денес оваа безглутенска житарица се користи за подготовка на различни јадења во целиот свет, а се служи како прилог, салата, или како додаток на оброците, во супи и варива.

Постојат неколку видови на просо, но генерално тоа има кружна форма и компактно зрно, најчесто со жолта боја. Со оглед на тоа дека расте во поладна клима, според макробиотичката филозофија претставува топла храна за телото, па најдобро е да се јаде во доцните летни месеци и во текот на есента.

Освен што нема глутен, просото е и алкална (базна) житарица поради што организмот може лесно да ја свари, а според некои научници, просото е и антиканцерогено бидејќи алкалната храна не предизвикува киселост во организмот, што е средина во која се развиваат клетките на карциномите. Поради ова, се препорачува на лицата кои имаат проблеми со цревата бидејќи помага во регенерација на цревната флора, добро е за проблеми со слезината, анемија, артритис и при проблеми со нервниот систем. Се јаде без лушпата, бидејќи таа тешко се вари.

Просото е богато со магнезиум и железо, претставува одличен извор на протеини (во 100 г просо има 10 г протеини), содржи калциум, фосфор, цинк, никел, витамин Е и витамини од групата Б.

Како што веќе споменавме, просото се издвојува од другите житарки по тоа што не содржи глутен, и истовремено е и базна храна. Природниот pH на организмот се разликува, но има тенденција да се спушта (закиселување) како резултат на стрес и конзумирање на одредени видови храна. Треба да имате во предвид дека, и покрај тоа што при јадењето на некои видови на храна не чувствувате кисел вкус, сепак тие можат да делуваат како киселини при варењето и да ја зголемат ацидозата на организмот.

Белото брашно, шеќерот, месото, јајцата, житарките, морските плодови, кикириките, брусниците, вишните, сливите, мешунките, кафето и чоколадото, како и недостатокот на овошје и зеленчук во исхраната, можат да придонесат за пореметување на природната базно-киселинска рамнотежа на организмот. За да повторно се воспостави оваа рамнотежа, потребно е да се зголеми внесот на зеленчук и овошје (вклучувајќи го и лимонот, кој иако има кисел вкус, делува како базно во организмот) и на просото, кое може ефикасно да ја замени пченицата.

Од просото можете да направите вкусна каша за појадок, со додаток на парчиња овошје и лажица мед, можете да направите пудинг, колачи, можете да го додавате во супи наместо тестенина, да го подготвите во вок тава или во тава со зеленчук. Брашното од просо има одлични својства за врзување па може да се користи место белки за подготовка на колачи, паштети и плескавици од зеленчук.

За подготовка на просото доволни се само 10 минути, треба само да сварите неколку минути во зовриена вода, а потоа да го оставите да постои уште 5 минути во водата во која се варело за да може зрното да набабри.