Дефинитивно ќе морам да испразнам една од кујнските фиоки (лелеее, тешко мене) и да ја пренаменам за чување на …. ракавици! Не знам точно кога и како, ама изгледа дека ракавиците навистина стануваат ултра тренди кујнски алатки што просто и едноставно мора да ги имаш.

Е па водена од тоа просто и едноставно, имам пар за чистење на кујната, имам неколку пара хируршки, онака да ми се најдат, имам неколку пара платнени (за вадење жешки садови од рерна, нели?), имам еден пар за сечкање, а од скоро богами си имам и пар за миење на зеленчук! Заклучок: дефинитивно ми треба една цела фиока само за кујнските ракавици.

Драги мои, најновиот кујнски хит е направен од груб пластичен материјал кој ги вади ама буквално сите нечистотии од зеленчукот, па во суштина, не мора ништо да лупите, а да не спомнувам дека рацете ви остануваат нежни и мазни, што е со особено задоволство поздравено од страна на партнерот :).

Ракавичкиве покажаа особено завидни резултати на моркови, компири и свежи печурки (е тие колку ме нервираат кога ги мијам, тоа е просто неверојатно), ама за жал само за шампињони, бидејќи другите се некако многу деликатни….. па за нив уште барам решение….

Ако ви фатат око, можете да си ги набавите на овој линк, а не се ни нешто многу скапи.