Кога денес би се направила анкета низ балканските земји како што се Македонија, Грција, Бугарија, Турска, Босна или Србија со едно единствено прашање – кој е вашиот омилен десерт, со сигурност тврдам дека еден од најчестите одговори ќе биде дека тоа е баклава. И тоа верувајте не е случајно.
Овој десерт има посебен статус кога станува збор за балканската кујна и вкусот на баклавата на овие простори има посебен шмек и тоа независно дали е направена дома или е купена од локалната слаткара. На овој регион најголемите верски празници христијански и муслимански се празнуваат и слават со добро парче баклава.
Тоа кажува се за статусот кој го ужива овој десерт. Што се однесува до потеклото на баклавата, постојат повеќе толкувања но најверодостојна е приказната која вели дека отоманските Турци за време на големата Империја го популаризирале овој рецепт најпрво насекаде низ Балканот, а подоцна низ Европа за конечно преку големиот број иселеници и насекаде низ светот.
Иако постојат повеќе верзии на оригиналниот рецепт нам најмногу ни се допаѓа оној најблиску до класиката – баклава со ореви за која ви тврдиме дека ќе ги задоволи и најпребирливите мераклии на слатки нешта.
Самиот рецепт е прилично едноставен, особено ако ги правите со готови кори за баклава. Правењето на овој десерт со домашни кори е нешто поинаква приказна за кој треба многу повеќе умешност и трпение, но и тоа не е премногу сложено, особено ако сте подготвени за предизвици.
Мора да ви се пофалиме дека Ана пред некој ден и успеа во намерата да направи баклава со домашни кори и беше пресреќна што успеа во предизвикот кој и се чинеше премногу компликуван на почетокот. Бидејќи рецептот за овој тип на баклава е се уште во фаза на доработка, ви ветуваме дека во прва наредна прилика ќе го објавиме и ќе ви покажеме како самите да направите кори и приготвите домашна баклава.
За сега го имате на располагање овој рецепт со готови кори, кој исто така е одличен и нема да му најдете никаква мана. Десерт кој го препорачуваме за сите оние кои сакаат благи нешта потопени во шербет. Знаеме дека е малку повеќе калоричен од останатите десерти, но понекогаш и телото и душата треба да бидат задоволени. Со овој рецепт ќе го постигнете тој совршен спој.
Рецептот го приготвија и фотографираа Ана&Зоран Зафировски. Забрането превзмемање на оваа содржина без согласност на авторите!
Состојки:
- 8 кори за баклава
Фил:
- 100 г мелени ореви
- 50 г мелени бисквити
- 2 г. лажици гриз
- 50 мл масло за готвење
Друго:
- 50 г путер
- 50 мл масло за готвење
Шербет:
- 300 г шеќер
- 350 мл вода
- 1 м. лажица ванила
- 1 м. лажица сок од лимон
Подготовка:
- Подготовка на шербетот: Во длабок сад ставете ја водата да зоврие. Откако ќе зоврие, додадете го шеќерот и варете 5 минути. Пред да го тргнете шербетот од оган, додадете сок од лимон и ванила. Оставете шербетот да се олади.
- Во чинија, измешајте ги оревите заедно со мелените бисквити, гризот и маслото за готвење.
- Путерот растопете го и измешајте го со маслото за готвење.
- Садот за печење со големина 20 cm x 20 cm намачкајте го со путер. Рерната загрејте ја на 220 степени Ц.
- Земете една кора за баклава и со помош на четка премачкајте со путер. Ставете врз неа уште една кора и премачкајте ја со путер.
- На едниот крај од корите, по целата должина, распоредете ¼ од филот. Свиткајте ги во ролат и стегнете ги што е можно повеќе. Краевите исечете ги, пресечете ги ролатите на пола и ставете ги во садот за печење.
- Повторете ја постапката со останатите кори. Внимавајте ролатите да бидат цврсто стиснати една до друга во тавчето.
- Со остар нож, пресечете ги ролатите на мали парчиња и премачкајте ги со преостанатиот путер.
- Печете ги околу 10-тина минути, а потоа намалете ја температурата на 150-170 степени и печете уште 20 минути или додека корите не добијат убава златна боја.
- Топлата баклава прелијте ја со оладениот шербет и ставете ја да отстои барем 6-8 часа за да може шербетот убаво да се впие.
[yumprint-recipe id=’8′]