Ех, има ли нешто поубаво од мирисот на свежо сварено кафе? Да ви кажам право, и има! Тоа свежо сварено кафе некој друг да ти го направи и донесе. Само што во ова задоволство ретко можам да уживам, за жал. Долго време се мислев зошто никој не сака да ми прави кафе, и триста работи, т.е. причини ми пројдоа низ глава, ама морам да признаам дека вистинската не ја открив. Арно ама, си прашав. И тоа еден, двајца, тројца….

И замислете си, сите ми рекоа дека кафето ми било многу сложено за правење па затоа никој не сака да ми го прави. Јас си останав запрепастена. Како сложено? Па што е толку сложено во ставање кафе, шеќер и млеко во шолјичка? Е, ама не било така. Требало да се стопли млекото, па да се стават сите тие работи во шолја, па да се измешаат и тоа добро за да не остане шеќерот на дното. Чудни ми чуда!

Немајте гајле, луѓе! Си ја купив оваа самомешачка шолјичка! Ставаш внатре што сакаш, а после само си стискаш на жолтото копче кое е згодно ставено на рачката и шолјата сама си меша! Супер! Уште посупер што почнав да си добивам кафе на готово, па не морам сама да го правам. Додуша, го замешувам де, ама ем не се мачам, ем лажичката не ми вади очи кога ќе тргнам да се напијам!