Нема да ви се верува колку е едноставно да се направат овие шари. Само купете си бели јајца, неколку различни прехранбени бои и мали дрвени пошироки стапчиња (како за сладолед), или неколку пипети од стари капки, или пак неколку мали шприцови. Сигурна сум дека обична кујнска хартија веќе имате, но ако не, купете и таква. Значи, сварете ги јајцата, а откако убаво ќе се оладат, завиткајте ги во парче кујнска хартија (подобро е да биде од оние со малку поизразена текстура), кое претходно малку сте го натопиле со оцет.  Но внимавајте, немојте да ја стискате хартијата силно до јајцето и гледајте на одредни места да се преклопува, или да биде како изгужвана.

Потоа се што треба да направите е да нанесувате по малку од прехранбените бои на хартијата во која е завиткано јајцето. Немојте да користите повеќе од три бои одеднаш и оставете го јајцето да се потсуши околу 10-тина минути заедно со хартијата. Потоа, само отстранете ја и ќе имате прекрасни шарени јајца.