Ленот е мало, грациозно растение со цветови во тиркизносина боја. Расте во височина од 50 до 70 цм. Ова растение развива стебленце, кое е мазно и прекриено со неколку тесни листенца долги до 2,5 см. Семето е сместено во мали капсули, кои во Библијата се нарекуваат „топчиња“. Кога овие топчиња ќе узреат, тогаш ленот се влече и се врзува во снопови. За полесно да се одвојат растителните влакна од стебленцата, сноповите се оставаат во вода неколку недели, а потоа се рашируваат и се оставаат да се исушат. Семето има сплескана, долгнавеста форма и светлокафеава боја. Кога ќе се натопи во вода тоа се обвиткува со слузав слој. Семето од лен нема мирис, а вкусот му е блуткав. Семето се бере во доцно лето или во рана есен.
Од искршеното или сомелено семе се добива ленено масло, кое се нанесува на дрвени површини за нивна заштита. Некои ветеринари го даваат маслото на некои крупни животни за регулирање на нивната дигестија, а желето направено од зовриено семе им се дава на телињата како храна.

Ленот е индустриска билка која не бара посебни услови за развој. Поради тоа успева во повеќето земји што се наоѓаат во умерените зони на Европа и Азија. Одгледувањето на лененото семе започнало уште во најстарата историја на човекот. Остатоци од семе и од облека исткаена од ова растение биле пронајдени во гробовите на античките Египќани. Всушност, платната што се спомнуваат во Библијата биле исткаени токму од лен.

Од ленот како лек се користат семките и маслото од семките. Лененото семе е богато со слуз и незаситени масти, па затоа е добар лек за оние што имаат проблеми со варењето, цревата и со белите дробови. Доколку се земе цело, семето ја ублажува иритираноста на дигестивниот систем. Тоа исто така може да апсорбира течности и да набабри привлекувајќи ги во себе отровите и создавајќи во себе смеса во вид на желе, која дејствува како ефикасен лаксатив. Доколку семето се преполови пред да се консумира, тоа обезбедува есенцијални масни киселини. Во помала мера семето е корисно и за уринарниот систем.
Надворешно, облогите од искршено семе можат да помогнат за лекување хронична кашлица, бронхитис и емпизема. Облога од семето или од ленено брашно може да се нанесе за да ги олесни болните чирови по кожата.

Во Португалија има традиционален лек за лекување рани, кој се прави од масло од ленено семе измешано со црвено вино. Покрај тоа лененото семе може да се користи за лекување акни, зависности, рак на простата и брчки.

ПРИМЕНА
ЛЕНЕНО СЕМЕ – За запек се земаат 1-2 лажици семе после кои се пијат 1-2 чаши вода. Семето ќе набабри во стомакот, со што станува нежен лаксатив. Семето може да се измеша со мусли, житарки или мед и со меко сирење, па како такво да се јаде за појадок. Важно е во исто време да се земаат големи количества вода.
ЧАЈ – Се користи за кашлици и за воспаление на грлото, и тоа зачинет со мед и лимонов сок. Облоги – Се крши лененото семе и се нанесува на чирови.
ЗА ПЛАКНЕЊЕ – Се натопува семето во вода за да се добие слузава маса, која може да се зема против воспаление на слузавите мембрани, како при гастритис и фарингитис.
МАСЛО – есенцијалните масни киселини кои се наоѓаат во маслото од ленено семе, помагаат при егзема, менструални нарушувања, ревматски артритис и атеросклероза. Две лажички свежо пресувано масло или 1-2 лажички свежо кршено ленено семе се додаваат во секојдневната исхрана.
ЦЕЛОТО РАСТЕНИЕ
се користи свежо против запек, зголемување на црниот дроб и против ревматски болки.
ДО3ИРАЊЕ
Возрасните и децата постарите од 12 години треба да земаат 5-10 г ленено семе (цело или искршено)натопено во вода, и тоа 3 пати дневно. Ефектите се забележуваат по 18-24 часа. Лекувањето треба да трае 2-3 дена.
Деца од 6 до 12 – годишна возраст треба да земаат половина од дозата наменета за возрасни.
Децата до 6-годишна возраст треба да добијат дозвола од лекар за консумирање на ленено семе.
Ленот во некои земји често се користи како состојка за разни печива. Во тој случај, тие имаат лаксативни ефекти.
Консумирањето големи дози ленено семе може да има неповолни ефекти врз кардиоваскуларниот систем. Меѓутоа консумирањето до 50 г ленено семе дневно (што е еднакво на 20 г масло од ленено семе) не претставува никаква опасност по здравјето.